Скопје го одбележува Денот на ослободувањето

Денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, денеска ќе биде одбележан со повеќе културни, хуманитарни и спортски манифестации. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, ќе се сретне со претставници на Градскиот одбор на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија. Предвидено е делегации на Собранието и на Градот Скопје да положат цвеќиња пред споменикот на ослободителите на Скопје на Партизанските гробишта Бутел, во Алеата на зслужните граѓани и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски.
Во 12:30 часот, пред Споменикот на ослободителите на Скопје, на платото пред Владата, државни делегации, борци од НОВ, претставници од Армијата на Република Македонија, од општините на Град Скопје, членови на други институции, како и официјалната делегација од Град Скопје ќе положат цвеќиња.
Настани за чествувањето на Денот на ослободување на Скопје ќе има и вечер во Македонската филхарамонија, каде свечено ќе бидат доделени наградите “13 Ноември“, по што концерт ќе одржи Македонската филхармонија.
Во рамките на одбележувањето на 13 Ноември, денеска ќе се одржат повеќе манифестации. Детскиот културен центар „Карпош“ и оваа година традиционално ја организира манифестацијата посветена на предучилишните установи „Го градам мојот град 2018“. Таа ќе се одржи во просториите на Детскиот културен центар “Карпош“ од 10 до 11 часот и има за цел да ги истакне детските творечки способности, детската креативност и да ги запознае децата со 13 Ноември и неговото значење за градот во кој живеат. Секоја градинка, како и секоја година, ќе ја претставува екипа од пет деца, а објектот кој ќе се гради е по нивен избор,како и градежниот материјал што ќе го користат (коцки, цртежи, природни материјали како лисја, дрвца и друго).
Традиционалната крводарителска акција на Црвениот крст на Град Скопје ќе се одржува денеска од 9 до 17 часот во Домот на хуманитарни организации “Даре Џамбаз“. Во книжарницата “Литература.мк“ со почеток во 19 часот ќе се одржи промоцијата на монографијата „Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990) од Ерина Богоева  вечер, а во рамки на фестивалот на европски филм “Синедејс“, во Младинскиот културен центар со почеток во 23 часот, ќе настапи The Mauskovic Dance Band. Влезот е слободен.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.