Скопје ново жариште на коронавирусот, се очекува зголемување на бројот на хоспитализирани пациенти

Здравствените власти во земјава вчера повторно регистрираа високи бројки на заболени од КОВИД 19. Вкупно беа евидентирани 193 нови случаи и девет починати. Капацитетите во болниците се полнат, а медицинскиот персонал е преморен. Активирана е и монтажната болница каде веќе се сместени тројца пациенти, а во лекувањето на болните се вклучуваат и трите најголеми приватни клиники – „Систина“, „Ремедика“ и „Жан Митрев“.
Очекувањата се дека во следните седум дена бројот на хоспитализирани пациенти ќе биде поголем во однос на бројот на испишани по што се очекува намалување на бројот на примени пациенти.
Главниот град станува новото жариште на вирусот. Според последните објавени податоци од Министерството за здравство, од вкупно регистрираните 193 случаи, само во Скопје се евидентирани 140.


Најголем број активни случаи и натаму има во Чаир – 306, по што следува Аеродром со 119 активни случаи, Гази Баба и Центар со по 114 случаи, Бутел со 106 случаи, Карпош со 100 случаи и Сарај со 95 случаи. Активни случаи има и во Кисела Вода – 71, Ѓорче Петров – 57, Студеничани – 62, Шуто Оризари – 46, Арачиново – 33, Илинден – 28, Петровец – 12, Сопиште – 11, Чучер Сандево – 7, Зелениково-1…
– Интензивно се работи на идентификација на контактите, со вообичаените пречки со кои епидемиолозите се соочуваат, практично секојдневно. Интензивно се работи во однос на идентификување на контактите кои треба да се тестираат и другите кои треба да се стават во изолација, истакна Филипче на прес-конференцијата.
Според директорот на Институтот за јавно здравје Арбен Зибери, поголемиот број заболени се постоечки кластери каде заразата се шири меѓу членови на семејството, но има и некои нови кластери.
– Во последните десет дена односно две недели ние секој ден имаме повеќе од 100 новодијагностицирани. Зголемен е обемот на работа доста, засега немаме проблеми со епидемиолошките анкети. Денес во Комисијата за заразни болести беше договорено освен сегашните биолози да ни се приклучат и доктори од трудова медицина и епидемиолози од Воената болница, истакна Зибери во онлајн гостувањето во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.