За луѓето кои страдаат од депресија, секој ден е нова битка
Авторката на книгата „Принцезата од Ајова“, М. Моли Бејкс, истакнала важен, но често занемарен симптом на депресија поврзан со „невозможната задача“. Илјадници луѓе се препознале во тоа.
Бејкс започнала на Твитер дискусија на оваа тема која станала вирална и добила речиси 15.000 лајкови. Таа напоменала дека кога се зборува за депресија, често се мисли на чувството на тага, но не се споменува „скриениот“ симптом што депресивните луѓе многу добро го знаат – „невозможната задача“.
„Невозможната задача може да биде што било: одење до банка, местење кревет, проверување мејлови, плаќање сметки. Гледано отстрана, невозможноста на оваа задача нема никаква смисла“, напишала таа пред да објасни зошто на другите им е толку тешко да ја разберат невозможната задача.
Оваа невозможна задача ретко кога навистина е тешка, бидејќи станува збор за нешто што сте го направиле сто пати, па на луѓето кои не страдаат од депресија тешко им е да сочувствуваат со вас и да ве разберат.
Од гледна точка на некој кој не страда од депресија може да го очекувате прашањето „зошто едноставно не го направиш тоа?“, а тоа само ја отежнува ситуацијата на оној кој страда од депресија, кој веројатно и самиот себеси упорно го поставува истото прашање.