Дали Министерството за здравство со пари од граѓаните на тендер купило апарат за компјутерска томографија „Сименс“, тежок 2.250 килограми и наменет за операционата сала 2 на Клиниката за кардиохирургија, чија тежина потоа се утврдило дека плочата на зградата не може да ја „издржи“ па затоа сега ангиографската операциона сала е затворена?!
„Слободен печат“ го постави ова прашање во Министерството од каде не добивме одговор.
Затоа добивме, неколку документи од укажувачи кои не можат да се помират со тоа што се случува на државна Кардиохирургија, која е јавно-здравствена установа од посебен стратешки интерес за Македонија, а која е оставена без да има основни услови да бидат изведени голем број интервенции поради тоа што конкретната сала не е во функција. Исто така, постојат обвинувања од страна на семејството на починатиот пациент Тони Ангелковски дека не добил соодветна операција таму зашто баш оваа хируршка сала е затворена.

„Слободен печат“ доби документи од кои се гледа дека Министерството за здравство со потпис на министерот за здравство Арбен Таравари, купило апарат за компјутеризирана томографија со шински систем за инсталација и апликација во хибридна сала со целосна интеграција со постоечки ангиографски систем од производителот „Сименс“ од Германија, преку македонска фирма на тендер. Но, по набавката на апаратот со договор на 6.11.2024 година, следувале два договори за донација на Клиниката што претставуваат основа за сомнеж дека плочата врз која што треба да биде поставен овој најсовремен апарат, не е подобна, односно дека Министерството за здравство купило апарат без да провери дали истиот може да биде инсталиран на Кардиохирургија со оглед на тоа што само апаратот, според информациите објавени на сајтот на „Сименс“ тежи 2250 килограми.
Така, истата фирма што го добила тендерот за набавка на овој апарат, а која е добро етаблирана и долги години набавува квалитетна и современа медицинска опрема за македонските болници (го набавиле и роботот „локомат“ од 940 илјади евра на друга клиника), во јануари годинава вршела барем две испитувања на државна Кардиохирургија на свој трошок, односно како своја „донација“ за Кардиохирургија. Двете донации за испитувањата се дадени до Клиниката откако Министерството за здравство го купило современиот апарат.
Првата донација од фирмата добитник на тендерот за апаратот била „извештај – дијагностика на состојбата на постојната армирано-бетонска меѓукатна конструкција на операциона сала 2 од клиничкиот блок на ЈЗУ УК за државна кардиохирургија Скопје, со даден товар од компјутерски томограф“. Потоа донирале и „техничко решение за зајакнување на меѓукатна конструкција – носива плоча на дел од хируршка сала) во ЈЗУ Клиника за кардиохирургија“.
Министерството за здравство не одговара на прашањата на „Слободен печат“ кои им ги упативме на службената електронска пошта а гласат:
Дали апаратот компјутерски томограф го има купено Министерството за здравство за потребите на Кардиохирургија без да види дали спратот на државна Кардиохирургија на кој што треба да се постави апаратот (втори спрат во зградата) ќе ја издржи неговата тежина? Дали се точни нашите информации дека апаратот тежи 3 тона, а спратот може да издржи 2 тона, па затоа сега се зајакнува носечката плоча, целата конструкција под операционата сала и затоа салата е затворена?
Доколку министерот за здравство Арбен Таравари реши да одговори на овие прашања, ќе ги објавиме одговорите.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат во понеделникот помина часови на Клиниката за кардиохирургија вршејќи надзор во здравствената установа од стратешки интерес за државата, а каде минатата недела почина 57-годишниот Тони Ангелковски, пациент на кого му требала итна реконструкција на аортата која му била разлистена, но не ја добил. Инспекцијата ги потврди тврдењата на семејството – ангиографската сала што му била потребна на пациентот не работела еден месец и на клиниката немало стент-графтови (медицинскиот материјал што требало да се вгради). Ангиографската сала ќе биде затворена барем до 15 мај до кога на Кардиохирургија нема да има ни стентови за торакално-ендоваскуларна аортна реконструкција.

Извор: Слободен Печат