Словенија во војна против маснотиите во храната

По истекот на едногодишниот преоден период во Словенија, денеска стапи во сила Правилникот со кој содржината на трансмасни киселини во прехранбените производи се намалува на најмногу два грама од вкупната содржина маснотии. За контрола е задолжена Управата за безбедност на храната.
Националниот институт за нутриционистика наведува дека се работи за најстрога регулација од таков вид во светот, бидејќи ограничувањето не се однесува само на прехранбените производи кои се во продажба, туку и на непрепакуваната храна што завршува во оригиналното пакување на полиците, како и храната во гостилници и ресторани.
Институтот истакнува дека Словенија на тој начин направи важен чекор во замена на делумно хидрогенизирани растителни масти во храната со други состојки.


Управата за безбедност на храната истакна дека проверката на содржината на трансмаснотиите во храната ќе се применува за увозниците, дистрибутерите и продавачите на храна.
Словенечките производители на прехранбени производи велат дека добро се подготвени за новиот правилник и дека подолго време не користат суровини со поголем процент на маснотии, како и дека производите кои не ги задоволуваат критериумите не смеат да се најдат на словенечкиот пазар.
Трансмасните киселини настануваат како нус-производ на делумна хидрогенизација на растителни масла и при долготрајно загревање на растителното масло на повисоки температури. Тие имаат многу негативни ефекти врз метаболизмот, особено во развојот на атеросклероза и кардиоваскуларни заболувања.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.