Словенија испраќа војници во Бугарија со цел да го зајакне источното крило на НАТО

Словенечки војници ќе бидат испратени во Бугарија, каде како дел од зајакнувањето на источното крило на НАТО алијансата ќе бидат дел од борбена група, со најмалку 20 припадници со можност за ротација, соопшти Министерството за одбрана на Словенија денес.

Интеграцијата на словенечката армија во борбената група на НАТО во Бугарија, во која заедно со водечката земја Италија, редовно и периодично ќе учествуваат сојузниците – Албанија, Црна Гора, Грција, Хрватска, Романија, С.Македонија, Турција и САД се одвиваат постепено, се наведува во соопштението на словенечката новинска агенција СТА.

Времето на испраќање, структурата на контингентот, логистичките и други детали ќе бидат договорени со Италија, имајќи ги предвид потребите и можностите на словенечката армија.

Најголемата поединечна група на припадници на словенечката армија во странство ќе продолжи да биде во Косово, каде има вкупно 106 војници.

Вториот најголем контингент во странство, со 98 војници, е во Словачка, каде што се дел од мултинационалната борбена група на НАТО, пренесува Бета.

Со цел зајакнување на источното крило на НАТО, 38 словенечки војници се исто така дел од борбената група во Латвија.

Пронајдете не на следниве мрежи: