Службата за безбедност на Украина тврди дека руското военовоздухопловство претрпело загуби од седум милијарди долари.

Украина удри по Русија: Загуби од седум милијарди долари
Украинската безбедносна служба (СБУ) објави дека Русија претрпела значителни загуби во износ од седум милијарди долари по денешните напади на нејзините воени аеродроми.

„Седум милијарди американски долари. Ова е проценетата штета на непријателската стратешка авијација, која беше погодена во склоп на специјалната операција „Пајакова мрежа“ реализирана од СБУ. Погодени се 34% од авионите опремени со стратешки крстосувачки ракети“, се вели во соопштението.

Руските власти порано информираа дека неколку воени авиони се запалиле за време на големиот напад со дронови од Украина.

Во областите Мурманск и Иркутск, неколку авиони се запалиле по лансирањето на беспилотни летала во непосредна близина на аеродромите, објави руското Министерство за одбрана преку социјалната мрежа Телеграм.

СБУ соопшти дека извршила напади на четири клучни руски военоздушни бази: Белаја во Иркутската област, Олења во Мурманск, Дјагилев во Рјазан и Иваново. Во нападите со дронови биле оштетени или уништени повеќе од 40 руски воени авиони, вклучувајќи и бомбардери со долг дострел како Ту-95 и Ту-22М3, како и авион за рано предупредување и надзор А-50.

Руското Министерство за одбрана тврди дека Украина ги таргетирала аеродромите во региони како што се Мурманск, Иркутск, Иваново, Рјазан и Амур, но дека штетите главно се зaбeлeжани на првите две локации.

Пронајдете не на следниве мрежи: