Случаи корона вирус во градинки во Битола, Скопје и Свети Николе

Koронавирусот се шири во градинките низ земјава, три дена откако ги отворија вратите за згрижување деца.
По првиот случај во Битола вчера, денеска позитивни на КОВИД 19 се и вработени во градинки во Скопје и Свети Николе.
Заболената од скопската градинка „Раде Јовчевски Корчагин“, немала контакт со деца во период кога овие установи почнаа со работа, затоа што од 9-ти септември не дошла на работното место.
Доколку до недела не се појават симптоми кај други вработени, од понеделник оваа градинка ќе продолжи со работа.
Од Центарот за јавно здравје во Скопје велат дека вакви случаи се очекувани и нема простор за паника ако се почитуваат протоколите.


Клонот 1 во светиниколската детска градинка „Рахилка Гонева“, во средата не почна со работа, токму поради тоа што една вработена од техничкиот персонал имала симптоми на вирусот, што денеска е потврдено и со тестирање.
Иако позитивна на КОВИД-19 е вработена во градинката „Коца Василева“ во Битола, оваа установа нема да биде затворена.
Денеска во објектот се спроведува комплетна дезинфекција.
Во изолација се и сите 5 деца од групата на заболената негувателка, како и 3 воспитувачки и 2 други негувателки од истата градинка.
Од таму велат дека се почитуваат сите протоколи, заболената носела и заштитна маска и визир, децата се изолирани од претпазливост, а со колешките имала контак пред градинките официјално да почнат со работа.
-Градинката од понеделник продолжува со работа, меѓусебе групите немаат никаков контакт ниту воспитувачките ниту негователките. Средбата меѓу нив била кртака, пред градинките да почнат со работа, вели Снежана Тодоровска, директор на ЈОУГД Мајски цвет-Битола.
Заразената негувателка од градинката „Коца Василева“ во Битола е поврзана со веќе познат битолски кластер.
Таа била на работа само првиот ден во средата. Потоа побарала тестирање поради лесни симптоми, по што вчера кај неа е потврден вирусот.
Од градинката велат дека родителите на децата кои се во изолација ја прифатиле сосотојбата и немало никакви проблеми. Оваа градинка има место за 200 деца, но, со новите протоколи може да згрижи 100, а деновиве одат шеесетина деца.
-Нема потреба од никаква паника, родителите слбодно да ги носта децата со почитување на мерките и препораките и од наша и од нивна страна, вели Тодоровска.
По пауза од шест месеци поради пандемијата, со посебни протоколи градинките ги отворија вратите во средата на 9 септември.
Иако имаат капациет да примат 19 илјади деца, досега интерес за згрижување покажале родители на 14 илјади деца.
Неизвесно е дали новонастанатата ситуација и заболените вработени во градинките ќе влијаат врз нивната работа.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.