Смилево викендов станува центар на културата во земјава

Овој викенд за прв пат ќе се одржи Манифестацијата „Денови на Смилевски конгрес“ во селото Смилево, демирхисарско. Манефестација е еден автентичен концепт за промоција и заживување на културната меморија и традиција низ активна и современа култура. Идеата е преку креативна културна политика да се презентираат авторски дела од културата чија мисија ќе биде едно поинакво читање на народната и современата култура, како жива материја и коректив во современото визуелно општество.

Главната програма на Манифестација „Денови на Смилевски конгрес“ ја сочинуваат две фестивалски вечери на кои им претходеа неколку придружни предфестивалски активности.

Првата вечер почнува утре во 19.30 часот и е насочена повеќе кон традиционалниот аспект на манифестацијата, каде традицијата е во служба на наративот, а никогаш чисто покажување на техника.

Обидот е да се комбинираат трите суштински аспекти на проектот: музички, визуелен и изложбен. Првиот перформанс, истражувачко студио за храна, наука и уметност ќе биде изведен во куќата каде што е роден Даме Груев, што е воедно и седиште на националната установа. Во живо ќе готват и ќе ги покажат своите кулинарските способности и рецептите од нивната кујна уметниците Пеце Николовски, Борче Василевски, Анастасија Трајковска, Александра Николовска и Сашо Алушевски.

Во 20 часот ќе биде отворена и програмата Клинка (куќа на таен смилевски јазик), со внатрешни и надворешни уметнички инсталации на уметниците Владимир Симоновски, Сандра Котевска, Перо Кованцалиев, Васко Ѓорѓиев и Филип Јовески. Во секоја соба од куќата на Даме Груев, ќе се открива дел од уметничките интервенции создадени од соработката на петмината визуелни уметници. станува збор за една прошетка низ малиот лавиринт на заборавот каде распадливоста на секојдневието се соочува со безвременоста на уметничкото делување.

„Необичната духовитост и раскошна фантазија на гитаристот Филип Букршлиев, бродскиот и мастилен тон од бас кларинетот на Благојче Томевски и годините искуство во експериментирање со електроника и стик на басистот на Стринг Форсис, Дорјан Јовановиќ, ќе не однесат на патување над линеарниот поглед на времепросторот. Настанот ќе се одржи во дворот на куќата каде што е роден патронот на Смилево и апостол на револуционерна Македонија. Проследено со готвачки перформанс на Hnu Performans и поставки од инсталации на уметници од Македонија и Грција, ова ќе биде едно егзотично искуство во дворот „на теферич“ – на 1000мнв, кој нуди прекрасен пејзажен поглед на селото на зајдисонце„ велат организаторите.

Првата вечер ќе одвива и перформансот на уметничката група „The Other Poet’s House“ од Грција, кои настапуваат со проектот „Нашиот заеднички дом“. Sofia Leonidou , Haris Kondosphyris, Alkis Vosdou, Zana Vosdou, Sofia Antonakaki, Violeta Gazea, Stelios Karamanolis, Chrysa Diamantopoulou и Karl Grumpe + Rene се уметниците од Грција кои ќе земат учество во овој проект чија основна идеја е проекција на видео-арт. За време на фестивалот ќе има голема проекција на ова видео преку проектор на надворешен ѕид од училиштето. Ќе биде креирана in-situ изведба, со помош на матрица, во која се претставува формата на училиштето и таа треба да биде доловена со боја, врз објектите и улиците, од страна на членовите на тимот за време на фестивалот.

Првата фестивалска веќер ќе заврши со концерт на „Љубојна“ на сретсело.

„Ритам и плетка“ (R’n’T – rhythm and tangle) е концептот на втората фестивалска вечер, која е насочена кон современиот аспект на манифестацијата. Почнува на 18 мај во 18.30 часот со танцов перформанс на Ивана Коцевска и изложба на фотографии на Сашо Алушевски – деветнаесет скенирани колодиумски фотографии испечатени на платно.

Во 20.30 часот концерт ќе одржи Дина Јашари, кантавторка и продуцент од Македонија, артист кој полека но сигурно ги освојува срцата на балканската публика.

Новата македонска шансона, музичко-поетски формат на Бранислав Николов од групата “Фолтин”, заедно со Пеце Брада Трајковски, Славчо Јовев и Гоце Јовановски, е следниот концерт на втората фестивалската вечер.

„Идејата е да се креира една нова македонска шансона, која инстинктивно го осовременува стариот вкус на музичката поезија од шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век“, велат организаторите.

Последни во 23.20 ќе настапат Jummy Barka и Experience од Словенија, ритмичко tour de force, трио од двајца диџеи Jaka Batič и Borja Borka, и тапанарот и перкусионист Marjan Stanić (со потекло од Битола), тројцата од Љубљана, Словенија. Нивната музика е колаж полн со непредвидливи пресврти и колоритна мешавина на стилови, од фанк, брејк, афро и хипхоп до турски психоделии и balksploitation. Нивната музика е 100% резултат на перформанс во живо, а траките заедно со ритамот на тапаните еволуираат, се менуваат, се плетат и полираат.

Манифестација „Денови на Смилевски конгрес“ викендов ќе понуди автентични уметнички дела, без како што велат организаторите, посебни амбиции да учествува во масовната културна продукција, но со намера, волја, знаење и смелост да визионира, да создаде решенија за најгорливите проблеми во сите клучни микро сегменти во културата и да се залага за нивно спроведување.

Пронајдете не на следниве мрежи: