Поради продолжените ризици од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати, Собранието денеска на пленарна седница го усвои предлогот да се одобри продолжување на рокот за постоење кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија. Со одлуката, која претходно доби поддршка и од Комисијата за одбрана и безбедност, кризната состојба се продолжува до 20 јули 2026 година, а ќе почне да се применува од 21 април 2026 година, по нејзиното објавување во „Службен весник“.
Во образложението пратениците беа информирани дека продолжувањето на кризата е условено од неповолната меѓународна безбедносна и енергетска состојба по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и сериозните нарушувања во транспортот на сурова нафта, особено преку Ормуската Теснина, кој е еден од клучните светски енергетски коридори.
Според процените на надлежните институции, по нападите извршени кон крајот на февруари годинава и последователното блокирање на поморските патишта, протокот на нафта низ Ормуската Теснина значително е намален, што создава ризик од глобален недостиг и зголемување на цените, со директни последици и врз домашниот пазар.
Со денешното гласање Собранието им даде овластување на Владата и на надлежните институции и во наредниот период да продолжат со координирано управување со состојбата и со примена на мерки за обезбедување сигурно снабдување со енергенти.


