Собранието има можност и одговорност да одлучи за НАТО, вели Шеќеринска

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска во интервју за МИА вели дека Собранието ја има историската можност и историската одговорност да ја отвори вратата на Македонија за членство во НАТО. Таа го предводи македонскиот тим кој денес и утре во Бисел официјално ги почнува пристапните преговори за членство на Македонија во Северноатлантската алијанса.
– Доколку се обезбеди двотретинското мнозинство Македонија ќе покаже и на Европа и на светот и на регионот дека знае што сака и знае како таа цел да се исполни. Доколку надвладеат партиските и личните интереси на неколкумина тоа ќе биде голем минус за Собранието и за нас ќе значи неопходно итно закажување на предвремени избори, истакнува Шекеринска.
За можното пробивање на роковите предвидени со Преспанскиот договорот доколку се оди на избори, вели дека за Македонија е подобро процесот да заврши со успешна собраниска процедура. Но, ако таа процедура е невозможна во овој Парламент тогаш редно е мандатот да се врати кај граѓаните. Ако Собранието одлучи да им даде шанса на стратешките интереси на државата, одлично. Ако не, избори се единствена опција, друга не постои, наведува Шекеринска.
Таа посочува дека се во постојан контакт со земјите партнери и со Грција, и смета дека и во случај на избори можно е да се стигне навреме за грчкиот Парламент да го ратификува и Договорот од Преспа и договорот за пристапување на Македонија во НАТО.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.