Совети за родителите чии деца се склони кон тепачки

Ако од детската соба или во градинката се чуе: „Тоа е мое! Остави!”, тогаш е вистинска можност децата да почнат да учат како изгледа правилната комуникација, а и кое однесување е недозволиво.
Порталот „Пјур Уау“ објави неколку совети за тоа како родителите да се справат со тоа.
Останете смирени
Децата ги имитираат возрасните, па ако родителот реагира насилно на нивните бељи, најверојатно детето ќе го препознае тој начин на однесување како нормална реакција кога ќе се вознемири. Значи – останете смирени, за и тоа да научи дека треба така да се однесува.
Се справувате со дете
Децата прибегнуваат кон тепање оти не знаат како да се справат со сопствената фрустрација. Тие, според стручните лица, сè уште не можат, не се доволно зрели да се изразат вербално и така да се поврзат со родителот.


Ова е уште една причина возрасниот да му се приближи смирено, без викање, без ќотек, без нервоза.
„Мантра“
Штом вашето дете се смири, повторете ги клучните зборови што ја смириле состојбата и коишто ги одделуваат чувствата од постапките. Можеби најсоодветната „мантра“: „Во ред е да се лутиш, но не е во ред да ги повредуваш луѓето“… Или пак: „Ние не се тепаме. Никогаш не би те удрил и не би ме удрил, така?“
Но, најважно е она што го правите, а не она што го зборувате. Во таа смисла, укажете му на малечкото дека и неговите чувства се важни, истовремено посочувајќи му кое однесување е (не)дозволиво.
Не служете се со казни
Казнувањето на детето склоно кон тепачки, според стручните лица, нема да го спречи да го повтори тоа. Тоа значи дека на тој начин вие само ги зголемувате неговите стравови и фрустрации. За да се искорени ваквото однесување, неопходно е родителот да се посвети на чувствата што го тераат детето да се тепа.
Обидете се да ги пронајдете ситуациите што предизвикуваат несакано однесување. Откако ќе ги разберете околностите, подобро ќе може заедно да ги премостите проблемите.


Наместо „в ќош“, останете заедно
Испраќањето „в ќош“ најчесто е контрапродуктивно. Наместо дисциплина, тоа води во еден вид изолација, „самотија“, и до поголем страв, а со тоа и кон поголема агресија. Наместо тоа, стручните лица препорачуваат родителот да остане до своето дете и така да ја „олади“ зовриената состојба. Целта е да го натерате детето да се чувствува безбедно, бидејќи само тогаш тоа ќе може да сподели со вас зошто има желба да се тепа.
Перница за удирање
Буквално дајте му на вашето дете перница што ќе му служи за удирање. Тоа едноставно мора да се ослободи, да го исфрли гневот, па макар и удирајќи со нозете во подот.
Дури и кога детето ќе се смири, може да побарате од него да ви покаже што ќе направи следниот пат кога ќе посака да се тепа. Психолозите сметаат дека така тоа ќе запомни што треба да прави кога ќе се налути.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.