Советник на ВМРО ДПМНЕ: Насоките за протестите во Центар ги добивав од видни партиски членови

Поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски и ексминистерот Миле Јанакиески давале насоки што да прават советниците од ВМРО-ДПМНЕ на денот на насилствата во Општината Центар во јуни 2013та. Советникот Томислав Лазаров кој доби условна казна за овој случај откако призна вина, денеска сведочеше дека Божиновски побарал што помасовно да соберат партиски членови за протестите, а на насобраните да им се каже дека наводно се планира уривање на црквата Св. Константин и Елена.

„Партиски членови ми кажаа дека се формирало здружение ‘Веритас’, кое ќе организира протести за одбрана од уривање на црквата. Ме викна Божиновски, на состанокот беа сите општински комитети на ВМРО ДПМНЕ на територија на Скопје. Беа дадени насоки да се информира членството дека на тој и тој датум ќе има протест пред споменикот на Мајка Тереза во Центар. Не се спомнуваше насилие“, изјави Лазаров.
Внатре на седницата биле задолжени да прават се за да не се усвои дневниот ред со 4 за нив спорни точки кои се однесувале на промена на детални урбанистички планови.
„Божиновски ми даде насока да извадам книга и да ја читам за да помине време. Земи збор и читај ја Зоки Поки, како што правеше Талат Џафери во Собрание“, рече Лазаров.
Лазаров сведочеше и дека тој бил единствениот кој контактирал со раководството на партијата, негирајќи дека и обвинетата Даниела Рангелова добивала насоки, како што се наведува во обвинението.
Во овој случај се обвинети повеќе лица, меѓу кои избеганиот експремиер Никола Груевски, ексминистерот Миле Јанакиески и пратеничката Даниела Рангелова.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.