За предлог-резолуцијата гласаа 14 земји-членки, додека Русија, една од земјите со право на вето, беше воздржана
Советот за безбедност на Обединетите нации го поддржа планот на американскиот претседател Џо Бајден за постигнување прекин на огнот во Газа со резолуцијата усвоена во Њујорк.
За предлог-резолуцијата гласаа 14 земји-членки, додека Русија, една од земјите со право на вето, беше воздржана.
Амбасадорката на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд, подоцна изјави дека најмоќното тело на ОН гласало за мир.
Резолуцијата го поддржува планот претставен од претседателот Бајден, кој предвидува прекин на борбите во Појасот Газа во три фази.
Според САД, само Хамас се уште не се изјаснил дали се согласува со планот. Сепак, владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху сè уште не излегла јасно и јавно за планот.
Во понеделникот Хамас ја поздрави резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за поддршка на планот за прекин на огнот во Газа, велејќи дека е подготвен да соработува со посредниците во спроведувањето на принципите на планот, објави Ројтерс.
Резолуцијата на Советот за безбедност, која е обврзувачка според меѓународното право, изјавува дека Израел го прифатил планот и го повикува Хамас да го стори истото, повикувајќи ги двете страни да го усвојат планот без одлагање и безусловно.
Ова е 11-ти обид од почетокот на војната во Газа што Советот за безбедност на ОН гласа за резолуција поврзана со конфликтот. Беа усвоени само четири резолуции.
Амбициозниот предлог на Бајден од крајот на мај бара целосен и неопределен прекин на огнот за шест недели. Во тој период би била ослободена одредена група заложници. За возврат, ќе бидат ослободени и Палестинците од израелските затвори.
Во следната фаза борбите би биле трајно прекинати, а останатите заложници би биле ослободени.
Според нацрт-резолуцијата, последната фаза би ја опфатила реконструкцијата на Појасот Газа.