Еден ден откако обвинителката Ленче Ристоска поднесе оставка од функцијата јавен обвинител, Советот на јавни обвинители, пред празници, закажа седница на која треба да биде констатирана нејзината оставка, што значи дека денеска е последниот работен ден на Ристоска како обвинителка.
Ристоска на 2 април соопшти дека поднесува оставка на функцијата откако новиот републички јавен обвинител Ненад Савески ја тргна од предметите „Талир“ што ги водеше против актуелната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, а во кои е замрзнат и имотот на партијата.
Веќе на 3 април претседателот на Советот, Башким Бесими, закажал седница која треба да се одржи на 8 април, а меѓу точките на дневен ред е и: „Донесување на одлука за престанок на функција јавен обвинител во ОЈО Скопје, за јавниот обвинител Ленче Ристовска, по сопствено барање“.
Бесими во изјава за „Слободен печат“ вели дека Советот за оваа оставка постапувал како и за сите други и според Закон требало да ја констатираат оставката на првата наредна седница.
– Да не закажам ќе ме критикуваат, да закажам исто ќе ме критикуваат. Тоа е нејзина волја – вели Бесими.
Тој тврди дека седница за оставката за неколку дена била закажана и за вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи. Според датумите во нивната евиденција, Хајрулахи поднел оставка на 4 декември 2025 година, а на 9 декември му била констатирана оставката.
– Немам против никого ништо против, не сум субјективен – тврди Бесими.
Со оглед на тоа дека Советот утре само формално ќе ја констатира оставката, ова ќе биде последен работен ден на обвинителката која постапуваше од 2013 година, а по низа опструкции и јавни притисоци одлучи да поднесе оставка од функцијата.
Кулминацијата се случи кога Савески ја тргна од предмети во завршна фаза. Претходно, Советот на јавни обвинители едногласно ја отфрли нејзината претставка и со тоа одлучи дека премиерот Христијан Мицкоски не влијаел на нејзината самостојност, ниту пак со јавни изјави вршел притисок во нејзиното постапување во предметите „Талир“.
Ристоска за „Слободен печат“ вели дека засега нема план за во иднина, ниту договорен работен ангажман. Така, обвинителката која го гонеше поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, но и партијата ВМРО-ДПМНЕ додека беше во опозиција остана без работа (не е веќе ниту македонски претставник во Евроџаст, европската мрежа за судско обвинителстка соработка) откако ВМРО-ДПМНЕ стана владејачка партија.
Како што изјави и самата кога ја поднесе оставката, високопрофилните случаи создаваат и високопрофилни непријатели, „такви кои ги користат своите моќ, влијание и конекции за да избегнат одговорност и да ве оттргнат од вашата намера. Тоа подразбираше опструкции на различни нивоа, институционални и лични. Низ годините бевте сведоци на многу од тие случувања: влијание врз сведоци, вршење притисоци, менување на законски решенија, чување предмети во фиока и застарување на предмети“.
Всушност, случајот за масовното прислушување застаре откако Апелацискиот суд ја укина пресудата, а судијата Енвер Беџети се најде на црната листа на САД, затоа што девет месеци го чуваше во фиока. Ристоска ѝ стана позната во јавноста кога стана дел од поранешното Специјално јавно обвинителство.
По згаснувањето на СЈО, Ристоска неколкупати конкурираше за позицијата виш јавен обвинител, но никогаш не доби унапредување. Комисијата за спречување на дискриминација во еден од случаите утврди дека била дискриминирана затоа што причините поради кои не беше избрана беа дека била многу млада и била на породилно.
Тоа беа години кога на власт беа СДСМ и ДУИ, а откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, таа не им го одмрзна партискиот имот. Ристоска беше една и од тројцата кандидати за судија во Стразбур, но Владата го поништи огласот без никакво образложение.
Премиерот однапред ја дисквалификуваше и од трката за републички јавен обвинител, иако Ристоска беше единствена од кандидатите која јавно ја објави својата биографија и програма за работа.
The post Советот на јавни обвинители утре ќе ја констатира оставката – Ленче Ристоска останува без работа appeared first on Во Центар.
Пронајдете не на следниве мрежи:



