Современи автори од регионот од недела во Скопје на јубилејниот 10. „ПРО-ЗА Балкан“

Скопје, 17 септември: Десеттото издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ќе биде отворен утревечер (18 септември) во 20 часот во Даут-пашиниот амам во Скопје. Љубителите на пишаниот збор во јубилејното издание ќе можат да се сретнат со десетина писатели, издавачи, да слушнат извадоци од нивните дела на јазикот на кој пишуваат. На отворањето на фестивалот ќе биде претставено творештвото на Дамир Каракаш, Броња Жакељ, Елена Алексиева, Владислав Бајац и Томислав Османли.Со нив ќе разговараат Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски.

Добитничка на наградата за авторски придонес во балканската литература е Оливера Николова.

На вториот фестивалски ден, во понеделник во 13 часот во Europe House,ќе се одржи тркалезна маса на темата „Литература/општество/критика (литературата и критичкото препрочитување на општествените процеси)“. Ќе учествуваат гостите писатели и членовите на „Скопје fellowship“ програмата. Средбата ќе ја модерира Владимир Јанковски. Ќе следува средба на членовите на „Скопје fellowship“ програмата со претставници на Македонската асоцијација на издавачи.

Во книжарницата „Буква“ во 20 часот ќе биде организирана средба и разговор со авторот и режисер Рајко Грлиќ, што ќе го води Александар Прокопиев. Расказ од Грлиќ ќе чита актерот Петар Арсовски. Веднаш потоа, од 21 часот, ќе следува музички перформанс на Пијан Славеј и промоција на неговата трета поетска книга, „Полиграф“.

На затворањето на фестивалот на 20 септември во 20 часот во Даут пашиниот амам, писателите ќе читаат извадоци од нивните дела.

Во сеќавање на Луан Старова, ќе биде прочитан и извадок од негово дело, а ќе биде упатена и видеопорака од добитничката на „Прозарт“, Оливера Николова.

Во рамките на придружната програма, на 21 септември во 20 часот во Кинотеката ќе биде прикажан филмот „Караула“ на Грлиќ.

………….

Дамир Каракаш, кој пред неколку дена ја доби книжевната награда „Меша Селимовиќ“ во Тузла, е еден од водечките современи автори во регионот. Тој е наградуван автор и неговите дела се преведени на арапски, француски, германски, чешки, словенечки, македонски, италијански јазик…

Броња Жакељ е словенечка авторка и новинарка. Нејзината прва книга „Бело се пере на деведесет“ ја освои наградата „Кресник“ за најдобар роман на годината и од неговото објавување во 2018 година тој е препечатен безброј пати.

Владимир Бајац, којшто е првиот лауреат на наградата „Прозарт“, после десет години повторно се враќа на фестивалот како писател, но и како издавач, основач на легендарната српска „Геопоетика“. Тој е познато книжевно име на Балканот, добитник на дваесетина релевантни награди и десетина номинации, меѓу кои и наградата „Балканика“ во 2008 за романот „Амамот Балканија“.

Елена Алексиева е авторка на 15 книги, меѓу кои и романите „Витезот, ѓаволот и смртта“, „Нобеловецот“ и „Светиот волк“, добитник на наградата „Роман на годината“ на Националниот фонд за донации „13 векови Бугарија“ и на националната награда за белетристика „Перо“ на Националниот центар за книги.

Томислав Османли е македонски сценарист, драматург, теоретичар на медиумите, писател, критичар, новинар и есеист. Османли создава во повеќе дисциплини. Автор е на 31 објавени книги: проза, драми, сценарија, теорија и есеистика. Автор е на четири романи преведени и во странство, десетина драмски текстови и повеќе сценарија за телевизиски, документарни и еден игран филм.

Пијан Славеј е музички перформер, автор и пејач во групата „Фолтин“. Како дел од групата, зад себе има девет студиски изданија, музика за преку триесет театарски претстави и неколку филмови, меѓу кои, кандидатот за наградата „Оскар, филмот “Медена Земја”.

Рајко Грлиќ е роден во 1947 година во Загреб, Хрватска, и дипломирал филмска режија на ФАМУ во Прага, Чешка, во 1971 година. Како режисер и сценарист работел на единаесет филмови. Овие филмови се прикажуваа во кината на сите пет континенти, беа вклучени во натпреварувачките програми на водечките светски фестивали, од Кан до други, а добиле и бројни меѓународни награди. Работел на пет играни филмови како сценарист и на пет како продуцент. Тој го напишал, режирал и продуцирал Како да го направиш твојот филм; Интерактивна филмска школа, кој бил прогласен за најдобар светски мултимедиум во 1998 година. Тој е еминентен научник по филм на Универзитетот во Охајо, Атина, ОХ, САД.

Организатор на фестивалот е „Прозарт медиа“. Поддржувачи на „ПРО-ЗА Балкан“се: Министерството за култура, „Традуки“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Град Скопjе, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, Амбасадата на Словенија, Француски институт во Скопје, Кинотеката, Национална Галерија, СПОНА.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.