Фејсбук профил на Танц Фест
Во рамки на 21-то издание на фестивалот Танц Фест, на сцената на Младинскиот културен центар ќе бидат изведени четири различни концептуални претстави, продуцирани од Скопје танцовиот театар и координирани со домашни и меѓународни уметници. Кореографијата „Ехо на баронот“, со потпис на Дејан Битровски, ќе ги отвори изведбите. Музиката е создадена од HERZEL, сценографијата од Матеа Мијановиќ, а изведувачи ќе бидат Анастасија Данчевска, Стефани Шаршмит и Нина Петрушевска.
Следува „Џез Токата“ кореографирана од Рисима Рисимкин, со учество на Илина Костова и Моника Шолевска. Оваа изведба е дипломска работа на студентки од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, заснована на музичка експресија и импровизација, приспособена со техничка точност и динамичност.
Посетителите ќе имаат можност да ја видат и „Госпоѓиците од Авињон – Бунтот на Венерите“, кореографија на Олга Панго со музика на Калиопи, инспирирана од познатата слика на Пикасо. Ова фрагментарно балетско дело ќе биде изведено од студентки на Катедрата за балетска педагогија – УГД Штип.
Кореографијата „Несовршен превод“, во продукција на Гилда Чезарио – гостин кореограф од Италија заедно со Скопје танцовиот театар 2, ќе биде премиерно прикажана. Претставата се фокусира на предизвиците и трансформациите што настануваат при пренос на чувства, мисли или движења од еден јазик на друг, нагласувајќи дека недоразбирањата можат да бидат основа за нова креативност.
Билетите се достапни на билетарницата на МКЦ и онлајн преку bileti.mkc.mk. Вклучувањето на студентите од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ е дел од проектот „УГД – Чекор кон светот 2025“.
The post Соработка на Скопје танцовиот театар и УГД на 21. Танц Фест appeared first on 365.mk.


