Репрезентацијата на Шпанија од вечерва е најтрофејна на европските првенства откако по четврти пат триумфираше на континенталните шампионати.
Во финалето во Берлин, „црвената фурија“ ја победи Англија со 2-1 и ја помина Германија со која досега беше на делба на првата позиција по бројот на трофеите. Драматичното финале беше решено на четири минути пред крајот, а Шпанија стана прва репрезентација која со седум победи од седум меча стигнала до европската титула.
Првото полувреме не понуди многу возбудувања и динамична игра и најголемата шанса ја имаше Фил Фоден пред неговиот истек. Фудбалерот на Манчестер Сити доби една топка на 7-8 метри од голот, опасно шутираше, но Унаи Симон мирно интервенираше.
Вториот дел почна спектакуларно, по неполни две минути игра проработе тандемот Јамал-Вилијамс, фудбалерот на Барселона асистираше, а левиот крилен играч го отвори резултатот. Англија мораше да се отвори, но сепак беше безопасна и не успеа да го загрози противничкиот гол.
Така беше се до 73. минута кога Англичаните ја изведоа својата единствена смислена акција. По неколку додавања, Белингам ја врати топката до Палмер, а играчот на Челси од 18-19 метри ја затресе мрежата на шпанската репрезентација. Се чинеше дека натпреварот ќе оди во продолженија кога Кукуреља испрати топка по земја од левата страна, го погоди Ојарзабал, а овој ги постави конечните 2-1 победа на Шпанија и четврта шампионска титула во историјата.
Англија загуби и во своето второ финале на европските првенства, по она пред три години на Вембли, додека Шпанија останува со максимален ефект (4/4) и со прва титула по пауза од 12 години