Софија до Радмила во прво лице еднина – за женските прашања

БИТКА – ЖЕНИ ВО ПОЛИТИКАТА ИЛИ ПРИМЕНЕТО ФОЛИРАЊЕ
Го поздравувам ставот на Шекеринска во кој „жали што сė уште се прашуваме дали е време за жена претседател на Македонија” и што „само во Македонија може сė уште да се видат фотографии од политички активности на кои не може да видите ниту една жена”.
Истовремено, жалам што самата не се смета себеси за речиси најодговорна за таквите состојби, откако како креатор на политиките на највисоко ниво, ја расчисти скоро сета „женска понуда” околу себе.
Само неколку на кои прво помислувам, како поткрепа на моето тврдење, се д-р Илинка Митрева, професорката Славица Грковска, д-р Каролина Астеруд Ристовска, Весна Бендевска, но и многу други во низата.
Токму залагањето на Заев и Шекеринска за 40 отсто наместо дотогашните 30 отсто учество на жените во СДСМ и во Владата на РМ, утврдено со статутарните измени во 2013 година, по нивното доаѓање на власт во СДСМ а подоцна и во државата, остана скоро шест години празно ветување.
Во византиските игри на Шекеринска, кога станува збор за учество на жените, најпосакувани кадровски решенија се често жени претставнички на помалите коалициони партнери или независни кандидатки, со што себеси си овозможува полесен маневарски простор за нивна елиминација кога и да посака, бидејќи така се исклучува можноста за градење партиска кариера и структура внатре во самата СДСМ
Таков пример се номинациите на Солза Грчева, Љубица Буралиева, Лилјана Поповска, но и повеќе жени, членови на Советот на Град Скопје, претседателката на Советот на општина Центар, неколку пратенички во парламентарниот состав, кои доаѓаат од редовите на „шарените” итн.
Можностите за раст на кариерата за жените во рамките на СДСМ, пак, се друга приказна, долга и широка. Но, за тоа во посебна прилика.
Затоа, можеби е време конечно – за да се покаже принцип, а не личен интерес – токму Шекеринска за претседател на РМ да предложи и поддржи кандидат жена, а тоа да не е таа самата.
Мирјана Лазаревска Трајковска, Илинка Митрева, Наташа Габер… се само некои од можните кандидатки со навистина висок углед во нашата држава, но и надвор од неа. – напиша Софија Куновска на ФБ

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.