Софија подготвена да потпише договор со Скопје за железнички тунел долж Коридорот 8

Бугарија е целосно подготвена да потпише договор со Северна Македонија и да започне со изградба на прекуграничен железнички тунел долж Коридорот 8, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Гроздан Караџов, јави БТА.Изјавата беше дадена за време на работниот појадок во Софија со амбасадорите на земјите од ЕУ и НАТО, посветен на напредокот на стратешкиот инфраструктурен проект. На средбата присуствуваа и министрите за регионален развој и јавни работи Иван Иванов, министерот за одбрана Атанас Запријанов, претставници на Европската комисија, Националната железница и Агенцијата за патна инфраструктура.Караџов истакна дека тунелот меѓу Ѓушево и границата со Северна Македонија не е само инфраструктурен објект, туку стратешка врска што овозможува слободно движење меѓу Црното Море и Јадранот. Според него, Бугарија може веднаш да започне со изградба на делницата од Ѓушево до границата во должина од 2,4 километри, но вистинскиот почеток зависи од изградбата на самиот објект на тунелот.„Очекуваме одговори и коментари од Скопје за предложениот договор. Се додека немаме забелешки, подготвени сме веднаш да го потпишеме и да почнеме со работа“, рече Караџов.Министерот за регионален развој Иван Иванов изјави дека и покрај предизвиците, Бугарија не треба да го изгуби фокусот на стратешките проекти како што е Коридорот 8. Тој ја истакна потребата од забрзување на реализацијата, бидејќи проектот е од исклучителна важност за економското и логистичкото поврзување во регионот.Министерот за одбрана Атанас Запријанов истакна дека развојот на основната инфраструктура, вклучително и железничкото поврзување со Република Северна Македонија, е од особено значење за Бугарија и мора да се направи се за да се постигне опиплив напредок во краток временски период.Бугарија го смета железничкото поврзување со Северна Македонија како клучен елемент на проектот Воена мобилност, кој е приоритет за соработка меѓу НАТО и ЕУ, нагласи Запријанов. Според него, подоброто поврзување ги зголемува не само одбранбените способности, туку и улогата на регионот во безбедносниот систем на Европа.Министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, на 14 март објави дека се испратени писма до Европската делегација, Европската транспортна заедница, но и до Европската инвестициска банка и до Европската банка за обнова и развој, откако бугарската влада информираше дека не се обезбедени средства за железничката линија што треба да ги поврзува Софија-Скопје преку железничкиот коридор8.Николоски потоа оцени дека одлуката на бугарската Влада да одвои средства за реконструкција на оската од Софија до Перник и од Перник до Радомир да се насочи кон изградба на пругата од Софија до Бургас е политичка порака во однос на нивната посветеност, поточно незалагањето за изградба на железницата од Коридорот 8. Првата фаза од пругата за Бугарија, Куманово-Бељаковце е завршена, додека рокот за втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка е октомври 2026 година. Третата фаза, нагласи вицепремиерот, ќе има смисла само доколку се поврземе со Бугарија. Тунелот не може да се гради на половина пат и, како што вели Николовски, такво нешто нема никаде во светот. Тој е дециден дека мора да има договор за третата фаза.

Пронајдете не на следниве мрежи: