Со блокадата на буџетот од страна на ВМРО-ДПМНЕ директно се наштетува на граѓаните во општина Гази Баба

Прес Конференција
Борис Георгиевски, градоначалник на општина Гази Баба
Почитувани граѓани
Денеска сакам да ве информирам дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на крајно безобразен начин сака да ја блокира работата на општина Гази Баба.
Со тоа што ВМРО-ДПМНЕ поради наводна солидарност со притворените учесници и организатори на крвавите настани во Собранието на 27, на предлог од претседателот на Советот поддржан од советниците од ВМРО-ДПМНЕ, спречи да се донесе нацрт буџетот на општината.
Наместо да одберат развој и буџет на општината, ВМРО-ДПМНЕ одбра да постапи по наредба на Никола Груевски.
Ова не е прв пат ВМРО-ДПМНЕ да се обиде да ја блокира работата на Советот на општината.
Нашата идеја за која знаеја и советниците на ВМРО-ДПМНЕ беше носење на буџетот во две фази. Првата онаа која денес требаше да се разгледа на советот беше предлог програмите за работа на секторите во општината со сите нивни проекти, како и нацрт буџетот на општината.
Во втората фаза која требаше да се одвива во текот на оваа недела беше планирано нацрт буџетот да се презентира пред граѓаните, училиштата и градинките, бизнис секторот, како би се слушнале и нивните мислења и предлози како да се распределат средствата.
Иако секогаш и за се биле уредно консултирани, советниците на ВМРО-ДПМНЕ работат свесно на штета на граѓаните.


Доказ за тоа се и записниците од работните тела, на кои учествуваат и советниците на ВМРО-ДПМНЕ, каде што даваат поддршка за сите програми кои се составен дел на буџетот.
Оваа блокада која денеска ја прават значи опасност да се исплаќаат плати, да се реализираат веќе започнатите активности, со еден збор блокада на системот на општината, која е на директна штета на граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ денеска со оваа постапка ги спречи следните проекти кои беа дел од овој буџет
– изградба на системи за одводнување и пречистување на отпадни води од населеното место Трубарево до ДРМА
– изградба на примарна фекална канализација за населените места Смиљковци, Црешево, Виниче
– изградба на системи за одводнување и атмосферски води во Триангла
– изградба на спортски центар во Црешево – Стајковци
– изградба на нова детска градинка во Стајковци
– изградба на топловодни инсталации во Триангла и Хиподром и уште многу други проекти од капитално значење.
Овие проекти се директно во интерес на подобри услови за живот на граѓаните, а ВМРО-ДПМНЕ ги закочи.
Ве информирам дека како градоначалник ова нема да го дозволам.
Ниту јас, ниту граѓаните на Гази Баба не може да бидат заложници на нечии криминални интереси.
Ако ВМРО-ДПМНЕ тоне, не дозволувам да не повлече и нас.
Токму затоа согласно овластувањата, а се со цел да не трпи општината и граѓаните. Заедно со администрацијата во општината Гази Баба и советниците од советничката група на СДСМ и коалицијата, во текот на оваа недела ќе ги завршиме сите планирани средби со граѓаните, бизнис секторот и невладините организации за нивните барања за да не трпат обврските кои ги има општината.
Доколку советниците на ВМРО –ДПМНЕ не се вразумат и продолжат со блокирањето на буџетот ќе одиме со мерката времено финансирање на општината.
Сакам да им порачам на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ дека протестираат на погрешна адреса. Општина Гази Баба не е кривичен орган и не притвора никого. Тука се во општината треба да се работи во интерес на граѓаните, а не на партијата. За жал советниците на ВМРО-ДПМНЕ очигледно не знаат како се работи во интерес на граѓаните.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.