Со втор заменик-директор во Царина, Владата сака да ги „ухлеби“ кадрите на ЗНАМ, велат од Левица

Ветувањата на владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ дадена пред изборите за намалувања на државната управа се одвиваат во сосема спротивна насока, велат од партијата Левица и најавуваат дека освен што бараат тргање од дневен ред на предлог-законот за изменување на Законот за Царинската управа кој треба да се носи по скратена постапка ќе ги разгледаат и другите механизми по однос на ова предлог-законско решение.

Од Левица велат дека освен зголемување на бројот на министерствата, оптимизирање на непотребните функции, тенденцијата на СДСМ и на ДУИ за зголемување на државниот апарат на штета на граѓаните продолжува и во мандатот на новата Влада.

„Првите сто дена од Владата се окарактеризирани само со лаги и зголемување на привилегиите. За да се ухлебат кадрите на ЗНАМ, Собранието сега ќе измислува нови функции како заменик-директор на Царината. Крајно време е да прекине злупотребата и да се тргне кон вистинско оптимизирање на државната управа, а не да се зголемува државниот апарат со неспособни кадри само за да го најдат своето место во државната управа“, истакна пратеникот Амар Мециновиќ на прес-конференција во Собранието.

Тој додаде дека не е точно објаснувањето на пратениците од ЗНАМ дека ова нема да има финансиски импликации.

„Очигледно е дека не е точно затоа што измислувањето на оваа нова функција секако дека ќе има нови импликации“, рече тој.

По однос практиката на донесување закони по скратени постапки, тој го посочи ставот на Левица дека владејачкото мнозинство целосно го има ставено Собранието под своја рака.

„Собранието не е веќе дом на демократијата. Владејачкото мнозинство смета дека се извира од нивната влада и од мнозинството. Не постои веќе закон да се носи во редовна постапка“, рече Мециновиќ.

Со измените на Законот за Царинска управа, што е предлог на група пратеници од мнозинството, од кои повеќемина се од ЗНАМ на Максим Димитриевски раководната структура во институцијата ќе добие втор заменик-директор.

Предлагачи се пратениците Бобан Карапејовски, Даниела Белимова, Миле Цеков и Павле Арсовски од ЗНАМ, Бојан Стојаноски, Жаклина Пешевска, како и Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците од ЗНАМ велат дека законското решение, генерално, е на барање на Царинската управа која, како што велат, се соочува со зголемен обем на работа.

Неофицијално, законските измени се прават за заменик-директор во Царината да стане кадар на ЗНАМ, кој во моментов е советник на генералниот директор.

Кон крајот на јуни на директорското место на Царинската управа беше поставен Бобан Николовски, кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, додека на позицијата заменик-директор дојде Гарип Каба од редовите на „Вреди“.

Пронајдете не на следниве мрежи: