Со договорот со Грција се прави промена на институционалниот идентитет, се укинува државниот и националниот идентитет

Зоран Заев и Владата преку договорот кој го потпишаа со Грција целосно го менуваат македонскиот институционален идентитет. Менувањето на имињата на највисоките државни и национални институции е доказ дека сериозно се загрозени државниот и националниот идентитет во Република Македонија и води кон нивно целосно менување.
Зоран Заев повторно ги излажа граѓаните на Република Македонија дека ќе се заштити институционалниот идентитет. Во неговото интервју за Бугарската национална телевизија БТВ, изјави дека ќе се бори да го сочува институционалниот идентитет . Тој посочи дека името на институциите треба да остане како што е досега и го даде примерот како се бори Владата да остане Влада на Република Македонија и тоа да не се менува.
Но, реалноста е поинаква од тоа што Заев го ветуваше. Прифаќајќи ги сите грчки барања и севкупна употреба на новото име, Заев не успеа да се избори ни за тоа. Сите институции во државава со договорот предвидено е да ги променат своите имиња.


Договорот со Грција предвидува новото име да биде ставено на сите државни и национални институции. Според тоа Владата ќе се вика Влада на Република Северна Македонија, министерствата ќе бидат министерства на Република Северна Македонија, а истото важи за сите останати државни институции. Покрај тоа новото име ќе стои во сите јавни исправи на граѓаните како личните карти, пасошите, возачките, изводите од Управата за водење на матични книги итн.
Додека пак националните институции како МАНУ, МНТ или пак МРТВ повеќе нема да може да се нарекуваат македонски. МАНУ наместо Македонска Академија на науките и Уметностите ќе се преименува во Академија на Науките и Уметностите на Северна Македонија, а Македонски Народен Театар ќе биде Народен Театар на Северна Македонија.
Дури и пратеникот на СДСМ и професор на Филозофски Факултет, Ферид Мухиќ во неговото гостување на Канал 5 Телевизија предупредуваше дека тоа води кон укинување на етничкиот и културен идентитет на Македонците како нација, односно бришењето на „македонски“ од институциите е трикот на Договорот со кој се негира македонскиот идентитет.


-Со ова Македонија свесно се обврзува да ги укине своите национални институции. Народен – не пречи. Театар – не пречи. Што пречи? Македонски? Зошто? Затоа што македонски посочува кон нација, а нема нација. Не можеш да имаш национален театар затоа што не постои нација. Можеш да имаш народен театар на Северна Македонија и тоа не го забележувате, а тоа е експлицитен доказ дека со ова се укинува етнички и културен идентитет на Македонците како нација, а со тоа и на сите други, изјави Мухиќ за Канал 5.
На тоа се огласи и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој потенцираше дека идентитетот не се зачувува доколку го изгубите институционалниот идентитет кој што претставува „трејд марк“ на националниот идентитет. Тој посочи дека губењето на институционалниот идентитет е загуба на идентитетот во целост и тоа е опасност за државата и нацијата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.