Законот за амнестија се очекува да се комплетира до крајот на оваа или почетокот на идната недела. Со него јасно ќе се разграничи што значи учество во насилство и осмислување упад во Собранието, рече премиерот Зоран Заев по завршување на конференцијата за децентрализација.
– Конечната цел е да донесе помирување, подавање рака меѓу Собранието, но со тенденција тоа да продолжи и на вертикално ниво, и кај навивачките групи, и во општините и кај подмладоците во партиите – рече премиерот.
Според Заев Законот за амнестија ќе испрати порака на помали казни, и амнестија за сите што не учествувале во насилството и не биле организатори.
– Членовите во законот што ќе доведуваат до идно казнување нема да бидат тероризам со над 10 години казни, туку ќе бидат помали почетни казни. Но, казни ќе има. Со законот ќе се испрати пораката, казнувањето мора да постои, но и најважната порака е да нема мешање во правосудството – потенцира претседателот на Владата.