Со победа утре против Ерменија Македонија повторно ќе се бори за пласман на СП

Во пресрет на утрешниот натпревар од Лигата на нации против селекцијата на Ерменија, на денешната прес-конференција во Ереван, селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски ја потенцираше важноста на средбата од која може да зависи победникот во групата.

„Кажав дека натпреварите меѓу Македонија и Ерменија ќе одлучуваат за првото место во групата и стојам зад таа изјава. Пред почетокот на овој октомвриски циклус целта ни беше да останеме на првото место. Не е важно како ќе дојдеме до таа цел, треба само да ја оствариме“, изјави Милески на официјалната прес – конференција во Ереван.

Македонската репрезентација во четвртокот триумфираше на гостински терен над Летонија со 3-0 и е првопласираната во групата Ц4 со седум бодови, три повеќе од второпласираната Ерменија, која ремизираше на гости со Фарски Острови (2-2).

„Пред почетокот на овој октомвриски циклус целта ни беше да останеме на првото место. Не е важно како ќе дојдеме до таа цел, треба само да ја оствариме. Целата подготовка е насочена кон Ерменија и како треба да изгледаме на терен. Не сакаме да мислиме на комбинации, за тоа ќе размислуваме во ноември. Утрешниот меч ќе биде поинаков од тој пред три години, а и од последниот минатиот месец. Како да е судбина да играме против Ерменија, квалитетни се и нема да ги потцениме“, посочи Милевски.

Голманот Столе Димитриевски оцени дека дуелот против Ерменија може да се покаже како одлучувачки за првото место во групата.

„Овој натпревар можеби е одлучувачки за првото место во групата, па ако со победа го осигуруваме првото место, тогаш нека биде и минимална победа од 0-1, но да бидеме први“, изјави стандардниот голман на македонската репрезентација Димитриевски

Пронајдете не на следниве мрежи: