Со тоа што му е одобрен азил, Унгарија признава дека Груевски е жртва на прогон

Тоа што од денес Никола Груевски и официјално е политички азилант подразбира дека може слободно да се движи низ Унгарија, па дури и да се вработи. И не само во Унгарија тој со документи може слободно да ја напушти Унгарија, ако сака, и да замине во било која земја на Европската Унија.
Унгарскиот министер за правда Лазло Трошани во синоќешното интервју за унгарската телевизија „Ехо ТВ“ кажа дека македонските власти попусто бараат екстрадиција на експремиерот Никола Груевски, бидејќи тој веќе не може да биде вратен во Македонија откако доби азил во Унгарија. Трошани рече дека со тоа што му е одобрен азил, Унгарија признава дека Груевски е жртва на прогон и не може да биде екстрадиран.
„Да бидеме искрени, ако поранешен премиер оди во затвор, сигурно нема да му е лесно“, изјави министерот за правда.
Иако призна дека не е детално запознат со причините заради кои на Груевски му е одобрен азил, Трошани кажа дека е убеден дека Канцеларијата за имиграција и бегалци донела одлука по темелна истрага и утврдила дека македонскиот експремиер со право се плашел за својот живот.
Ваквата разврска со случајот Груевски доведе до жолчна раправија на денешната седница во унгарскиот Парламент, каде своите ставови ги спротивставија власта и опозицијата. Додека незадоволната опозиција бара одговори на многу, за неа нејасни прашања, власта убедува дека се е легално и по закон.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.