Расправата за донесување на законското решение со кое Владата наместо досегашните 16 ќе има 20 министерства траеше до 2:30 часот по полноќ
Со двотретинско мнозинство од 88 гласа „за“, 22 „против“ и ниту еден „воздржан“ Собранието го донесе Законот за реорганизација на органите на државната управа, чиј предлагач беше пратеникот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој е и мандатар за состав на новата влада.
Во дискусијата, која во два наврати беше прекинувана со паузи од по еден час, а на барање на пратеникот на Левица, Борислав Кромов, во најголем дел говореа пратениците од сега опозициската СДСМ кои предупредија дека со оваа реорганизација на министерствата не се прави реформа, туку дека таа е политички мотивирана за задолволување на потребите на новата владината коалиција. Како што кажаа, законот се носи без претходна анализа и дебата и со него менува 31 член од актуелниот закон, а не се предвидува колкава ќе биде финансиската импликација од ваквото решение.
Расправата за донесување на законското решение со кое Владата наместо досегашните 16 ќе има 20 министерства траеше до 2:30 часот по полноќ.
Предлог-законското решение жестоко го критикуваа и пратениците на Левица, Реџеп Исмаил, Борислав Крмов и претседателот на партијата Димитар Апасиев
Пратениците од опозицијата еден по еден излегуваа на говорница критикувајќи го ваковото законско решение и начинот на кој се носи, по скратена постапка, потенцирајќи на крајот од своите обраќања дека ќе гласаат против.
Пратеникот и претседател на СДСМ во оставка, Димитар Ковачевски во неговото обраќање рече дека Законот се носи не за да се зголеми ефикасноста на органите на државната управа, туку поради политички пазар.
„Првото прашање кое се наметнува за законот е практично дали се работи за измени кои се мотивирани од желбата за зголемување на ефикасноста на државната управа или се мотивирани од желбата за политички пазарења за полесно креирање на владина коалиција и коалиција за носење на други закони за кои е потребно двотретинско мнозинство. Јасно е дека се работи за второто. Овој процес е мотивиран единствено за политички пазар и коалицирање“,
рече Ковачевски.
Говорејќи во таа насока, тој рече дека во предлог-законот има голем број недостатоци, а се осврна и на тоа што се носи по скратена постапка.
„Ваков сложен и системски закон кој треба да се носи во редовна постапка, со анализа и проценка на ефектите се носи во скратена постапка без соодветните анализи на што веќе укажаа и невладините организации… Дека се работи за решение кое е политички моитивирано говори и фактот што не е прицезирана ниту елементарна методолошка рамка врз основа на која е изработено законското решение“,
рече тој.
На иста линија беа говорите и на сите останати пратеници од СДСМ, кои се јавија за збор во расправата која траеше до доцна во ноќта, пред да уследи гласањето по кое претседателот на Собранието, Африм Гаши констатираше дека се донесени измените и дополнувањата на Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Фатмир Битиќи, кој претходно го критикуваше предлог-законот при расправата во Комисијата за политички систем во своето обраќање на пленарната седница рече дека „ова е владеењето на правото кое ќе го гледаме во наредните четири години“.
Според Славјанка Петровска мнозинството не можело да има попоразителен почеток.
„За десет дена трипати си го погазивте зборот. И затоа молчите цела ноќ, ама довикувате од место“,
рече Петровска.
Пратеничката го прочита и соопштението на ВМРО-ДПМНЕ и на „Европскиот фронт“ кои пред почетокот на полноќната расправата информираа дека претставници на нивните пратенички групи во текот на вчерашниот ден одржале средба на која од страна на коалицијата предводена од ДУИ била изразена поддршка за предлог-законот. Петровска прочита и повеќе изјави од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во кои тој зборува против ДУИ и СДСМ.
„После денешната коалиција се поставува прашањето кој во чиј скут седи“,
рече таа.
Одлуката на ДУИ и „Европскиот фронт“ ја образложи координаторот на пратеничката група на ДУИ, Блерим Беџети.
„Предлогот на мандатарот Мицкоски е пренесување на надлежност од една во друга институција и може да има логика за ефикасност. Но, цениме дека еден ваков упад треба да биде сериозно разгледан, но ова ќе го оставиме на времето, дали ќе биде постигната таква ефикасност“,
рече Беџети.
Тој кажа дека коалициите предводени од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ, како две сили кои имаат легитимитет, денеска разговарале околу прашања во делот на инспекторатот за албански јазик и други институции кои се опфатени во овој закон и се согласиле дека во иднина работите кои ги тангираат граѓаните треба да ги решаваат силите кои имаат легитимитет. Се согласивме, додаде Беџети, да се формира и ад хок комисија која ќе ја следи правичната застапеност на сите етнички заедници во органите на државната управа.
Претходно вчера со мнозинство од 74 гласа „за“, 24 „против“ и ниту еден „воздржан“, пратениците на пленарна седница одобрија предлог-законот за изменување да се носи по скратена постапка.