Министерот Спасовски апелираше граѓаните да бидат спокојни и да не наседнуваат на ваквите лаги.Апсолутно неточни се и наводите дека расте бројот на исчезнати лица. Напротив, статистичките податоци недвосмислено покажуваат дека и ова е лага. Во 2018 година имало 370 пријавени исчезнати лица, а на пример, во 2014 имало 574. Денес, МВР е транспарентна институција, за разлика од претходниот период кога од јавноста се криеја дури и убиства.
„Во континуитет во последниве пет години пронаоѓањето на пријавените исчезнати лица се реализира со околу 94%. Но, ние посветено работиме за да дојдеме до 100%. Како родител сочувствувам со секој родител чие дете е исчезнато, и ги уверувам нив и сите родители во Република Северна Македонија дека овие истраги се третираат со целосна сериозност и посветеност. Точно е дека некогаш истрагите не ги даваат очекуваните резултати или барем не доволно брзо колку што посакуваме. Но, тоа не значи дека не се трудиме и дека не водиме грижа. Никогаш нема да се откажеме од ниту еден ваков случај. На оние пак што шират лажни и со ништо непоткрепени приказни за трговија со човечки органи би сакал да им порачам – НЕ помагате. Со ширење на вакви лаги само ја зголемувате болката на оние чии сакани и блиски исчезнале“, потенцираше Спасовски.
Дел од овие случаи, за жал завршуваат понекогаш како самоубиства, како што имавме во последниот период.
„Во тие случаи, важно е да ја почитуваме приватноста на семејствата наместо да правиме спектакл од нивната тага и болка. Кога имаме случај на исчезнато лице, важно е полицијата да добие што е можно повеќе информации за што е можно побрзо време. Колку е подолго времето помеѓу исчезнувањето на едно лице и известувањето на полицијата за тоа, толку е потешко пронаоѓањето на лицето“, рече министерот Спасовски.
Затоа, рече министерот Спасовски, споделуваме сет на препораки што можат да помогнат во случаи на исчезнати лица.
– Доколку некое лице исчезне, контактирајте ги сите кои би можеле да го знаат местото на престој на исчезнатото лице.
– Соработувајте со полицијата, дајте ги сите информации за пријателите и роднините на исчезнатото лице, местата кои често ги посетува, здравствената состојба или начин на однесување во блиското минато
– Споделете ги карактеристичните размислувања на исчезнатото лице, неговите видувања за идни планови
– Обезбедете фотографија и дозволете и на полицијата да ја сподели со јавноста.
– Обратете се во најблиската полициска станица, полицискиот службеник за прифат или инспекторот по потраги ќе ги земе сите податоци кои се потребни
– Водете грижа за лицата кои имаат здравствени проблеми и страдаат од болести заради кои ја губат способноста за осознавање, не ги оставајте без придружба и надзор.
„Додека проактивно ги адресираме овие препораки за да можеме да превенираме идни случаи од овој тип, мора да истакнеме дека полицијата активно и посветено работи на истрагите за сите тековни случаи на исчезнати лица. Ширењето на страв и лажни гласини не помагаат никому, а најмалку на фамилиите кои имаат празно место на масата. Дозволете, без шпекулации и ширење лаги да ја работиме нашата работа за да ги донесеме тие граѓани дома кај своите блиски или побрзо да ги решиме случаите“, рече Спасовски.