Спортистите неделава ќе ги добијат парите од државата – вкупно 550 милиони денари

Работите во македонскиот спорт набрзо би требало да тргнат во нагорна линија, откако министерот за спорт, Борко Ристовски, денеска најави исплата на долго очекуваните пари од државата и тоа до – крајот на неделата.

Станува збор за сума од 550 милиони денари, кои требаше да бидат исплатени уште на почетокот на годината, но претходната владеачка гарнитура не го стори тоа, па работите се закомплицираа.

„Во текот на оваа недела, според нови критериуми, ќе бидат поделени оние 550 милиони денари државни субвенции во спортот кои од претходната власт не беа ни буџетирани. Отворивме нов проект со фокус на врвниот спорт според кој, националните федерации и клубовите кои имаат официјални меѓународни настапи добија 84 милиони денари. До крајот на годината ќе отвориме уште една нова програма, која ќе значи поддршка на развојот на женскиот спорт и поддршка за млади таленти. Секоја распределба на овие државни средства за спортот ќе поминува на седница на Владата, што е уште еден сегмент во обезбедување на транспарентноста“, изјави Ристовски.

Најавените средства во износ од речиси девет милиони евра се од програмата „спортски ваучер“, преку која изминативе неколку години спортските колективи и спортисти ги обезбедуваа најголемот дел од средствата неопходни за нормално тренирање и натпреварување.

Пронајдете не на следниве мрежи: