СП:Предвремени парламентарни избори следната година?

Добрата вест е дека набрзо ќе има избори и дека СДСМ како партија ќе се маргинализира, премиерот Христијан Мицкоски првпат навести дека се можни предвремени парламентарни избори
Фото: Христијан Мицкоски / Фејсбук

Реконструкција на Владата во јуни и предвремени парламентарни избори следната година може да се исчитаат од изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој одговараше на новинарски прашања, пренесе Слободен Печат.

И додека реконструкцијата следниот месец е сосема извесна, Мицкоски, во контекст на изјавата на лидерот на СДСМ Венко Филипче – дека Бугарија не го негира македонскиот идентитет, со констатацијата дека „добрата вест е дека набрзо ќе има избори и дека СДСМ како партија ќе се маргинализира“, првпат навести дека се можни предвремени парламентарни избори.

Досега премиерот, кога станувало збор за избори, секогаш изјавуваше дека планира редовни парламентарни избори во 2028 година.
Потврда и од висок владин функционер
Висок владин функционер брифира дека не верува оти предвремени парламентарни избори би имало годинава, но не ја исклучува можноста изборна трка да има напролет во 2027 година.
Премиерот досега претпочиташе дека Владата треба да го истурка мандатот и предвремени парламентарни избори да нема. Тој во март ја отфрли можноста за предвремени парламентарни избори годинава, со образложение дека фокусот на Владата останува на реформите и на меѓународната агенда. Тој исто така рече оти наместо изборно соочување, пролетните месеци треба да донесат преговори за освежување на кадрите во извршната власт. Но, премиерот не прецизира дали се можни избори следната пролет. Тој во неколку изјави досега ја предупреди опозицијата да внимава што посакува, односно дека може да им се остварат желбите за избори.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче рече дека ја слушнал изјавата на Мицкоски и дека претпоставува оти зборува за предвремени парламентарни избори. Тој потенцира дека СДСМ е подготвен да оди на избори и дека ќе ја победат ВМРО-ДМНЕ.
– Не знам за какви избори зборува, претпоставувам за предвремени парламентарни избори затоа што снемува пари. Тие веќе не можат да делат пари за партиски тендери на блиски луѓе и нема што да прават сега. Јасно е дека со овие методи, на овој начин долго не може да се владее бидејќи ги разобличуваме нивните лаги, ги објавуваме нивните криминални тендери, нивната лажна патриотска политика сè со цел да седиме тука, во место и да нема никаков напредок. Ние сме подготвени за избори кога и да се случат и ќе ѝ ставиме крај на оваа власт, затоа што е криминална и најкорумпирана во цела Европа и затоа што е антинародна, антинационална и затоа што не се грижи никако за иднината на државата и на граѓаните – рече Филипче.
Како ќе влијае заминувањето на пратеникот Миле Цеков од ЗНАМ
Мицкоски повтори дека реконструкцијата на Владата ја планира за следниот месец, но не прецизира дали заминувањето на пратеникот Миле Цеков од ЗНАМ ќе влијае врз разговорите со партијата на Максим Димитриевски при распределбата на ресорите и на кадрите на „Илинденска“.
– Не, не сум ги почнал сè уште. Сè уште сум посветен на внатрепартиската структура, очекувам овој месец да ја заокружам и потоа да се посветиме на владината коалиција – одговори Мицкоски на прашањето за реконструкцијата.
Опозицискиот СДСМ, пак, експресното укинување на техничката влада по скратена постапка и без консензус го врзува со подготовка на Владата за предвремени парламентарни избори.
Филипче повтори дека Бугарија не го негира македонскиот идентитет и јазик, и тврди дека станува збор за антиевропска пропаганда што нè држи во место, бидејќи нема никаков напредок во реформите. Според него, Мицкоски спинува и е единствениот премиер што користи уличарски речник. Тој им се обрати и на медиумите да не ја шират пропагандата на Мицкоски.

The post СП:Предвремени парламентарни избори следната година? appeared first on Provereno.

Пронајдете не на следниве мрежи: