По двата викенд карантини, кои очигледно не го даваат посакуваниот резултат во справувањето со пандемијата Ковид-19, српскиот кризен штаб денеска одлучи истите мерки да ги продолжи и во наредните 5 дена, по што дополнително ќе се проценува ситуацијата.
“ОД ВЕЧЕРВА СЕ ЌЕ СЕ ЗАТВОРИ И ТОЈ РЕЖИМ ЌЕ БИДЕ СРЕДА, ЧЕТВРТОК, ПЕТОК, САБОТА, НЕДЕЛА И ПОТОА ОД ПОНЕДЕЛНИК ЌЕ ВИДИМЕ. НЕМА ДА ВОВЕДУВАМЕ ПОЛИЦИСКИ ЧАС, НЕМА ДА ИМА ЗАБРАНА НА ДВИЖЕЊЕТО. ЌЕ РАБОТАТ ПРЕХРАНБЕНИТЕ ПРОДАВНИЦИ, ЌЕ РАБОТАТ АПОТЕКИТЕ, БЕНЗИНСКИТЕ СТАНИЦИ” – ИЗЈАВИ СРПСКАТА ПРЕМИЕРКА, АНА БРНАБИЌ.
Станува збор за компромисно решение, ја уверуваше нацијата Брнабиќ, посочувајќи дека иако станува збор за остри мерки, тие ќе важат 5 дена, иако медицинскиот дел од кризниот штаб, барал да важат најмалку 14 дена.
“ОВА Е КОМПРОМИСНО РЕШЕНИЕ, КАКО ШТО ШТО ГЛЕДАТЕ, НАВИСТИНА ДОЛГО И ЖУСТРО РАЗГОВАРАВМЕ ОКОЛУ МЕРКИТЕ. СЕ ОБИДУВАМЕ И НАТАМУ ДА НАЈДЕМЕ НАЈДОБАР МОЖЕН БАЛАНС, ПОМЕЃУ 3 РАБОТИ. ЗАШТИТА НА ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ, ЗАШТИТА НА РАБОТНИТЕ МЕСТА И ПОДДРШКА НА СТОПАНСТВОТО И КАКО ТРЕТО, МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ НА НАЦИЈАТА, ЗАТОА ШТО НАВИСТИНА НА СИТЕ НАС НИ Е ТЕШКО ДА ЖИВЕЕМЕ ВО ВАКВИ НЕНОРМАЛНИ ОКОЛНОСТИ, ЕВЕ ВЕЌЕ ПОВЕЌЕ ОД ГОДИНА ДЕН” – ОБЈАСНУВА БРНАБИЌ.
Никој од нас од медицинскиот дел од кризниот штаб не е задоволен од заострувањето на мерките само во наредните 5 дена, изјавил за српските медиуми, др Бранислав Тиодоровиќ, додавајќи дека проценките се дека ситуацијата ќе биде уште полоша, бидејќи болничките капацитети се речиси целосно исполнети.
Според информациите на српските експерти, дури 80 отсто од заразените во Србија, се инфицирале со британскиот сој од ковид вирусот, што придонесува за растот на бројот на позитивни случаи, паралелно со непочитувањето на мерките.
Единствен излез од кризата е интензивирање на процесот на имунизирани, порачуваат српските власти.
Нашиот северен сосед по бројот на вакцинирани луѓе е веднаш зад Обединетото Кралство а во наредниот период се очекуваат дополнителни дози од вакцината на Синофарм, покрај Спутник, Фајзер и Астра Зенека.