Набавката на повеќе од пет тони марихуана oд територијата на Република Македонија е клучниот елемент во истрагата за најголемата заплена на дрога во историјата на Србија. Според српското Обвинителство за организиран криминал, организирана криминална група од почетокот на јануари до 29 јануари 2026 година во Македонија се стекнала со точно 5.002.079,18 грама марихуана, која потоа била транспортирана преку граница и пласирана на српскиот пазар.
Како што наведуваат истражните органи, дрогата, по план на организаторот, преку државната граница ја пренесувал осомничениот Иван Драгниќ, по што била складирана во магацин поврзан со семејството Спасојевиќ. Од таму, осомничениот Урош Младеновски ја преземал марихуаната за понатамошна продажба.
Особено внимание предизвикува фактот што Иван Драгниќ е косопственик на скопската компанија ALPHAPHARM, регистрирана за производство и преработка на медицински канабис, пишува Блиц. Овој податок, според српските медиуми, дополнително ја зајакнува тезата за меѓународен карактер на криминалната операција и ја отвора линијата на истрага поврзана со потеклото на дрогата.
Во рамки на предметот, јавниот обвинител за организиран криминал во Србија донесе наредба за спроведување истрага против Александар Мијајловиќ, Небојша Спасојевиќ, Раде Спасојевиќ, Иван Драгниќ и Урош Младеновски, поради сомнение за неовластено производство и ставање во промет на наркотични дроги.
По сослушувањето, сите осомничени го искористиле законското право да се бранат со молчење, по што обвинителството побарало притвор за сите лица од судијата за претходна постапка при Посебното одделение за организиран криминал на Вишиот суд во Белград. Предлогот е образложен со сериозноста на делото и со фактот дека станува збор за рекордна количина наркотична дрога.
За Александар Мијајловиќ, кој е означен како организатор на криминалната група и се наоѓа во бегство, поднесен е и предлог за распишување потерница, вклучително и меѓународна.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека станува збор за најголемата заплена на дрога досега во земјата, нагласувајќи дека акцијата претставува рекорд во историјата на српската полиција. Според официјалните податоци, претходниот рекорд изнесувал 1.960 килограми, додека во текот на целата мината година биле запленети вкупно 6,1 тон различни наркотични супстанци.
The post Србија ја тресе најголемата нарко-афера која води до Македонија, рекордна заплена на марихуана appeared first on Во Центар.



