Средбата за помирување започна без пратениците од ВМРО-ДПМНЕ

Започна координацијата кај претседателот на Собранието, Талат Џафери, а на дневен ред е единствената точка – формирањето интерпартиско парламентарно тело за помирување и интеграција. Координацијата ја побара новата пратеничка група независна од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Како што и најавија претходно пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не дојдоа. На координацијата се присутни дел од пратениците на новата пратеничка група, освен тројцата обвинети за 27 април, како и  координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ДУИ, претставници на БЕСА, Алијанса за Албанците и независниот пратеник Панчо Минов.
Формирањето на телото за помирување беше еден од условите на осумте опозициски пратеници да гласаат за отворање на Уставот. Тие очекуваат се дека сите пратенички групи ќе се вклучат во работата на интерпартиската комисија, која првенствено ќе се фокусира на настаните од 27 април. Исто така не ја исклучуваат можноста да се продолжи мандатот и истото работно тело да функционира и во иднина за други политички прашања.
Од ВМРО-ДПМНЕ го повторија ставот дека нема да учествуваат во работата на ова тело, а како причина сега го наведуваат изборот на Џафери да раководи со него. Од партијата, сепак, оставаат можност дека ќе ги почитуваат одлуките на телото ако се во насока на неселективно помирување, но не отстапуваат од барањето закон за целосна амнестија на обвинетите од 27 април.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.