Средба Заев-Ципрас, уште еден обид за решение за името

Следната седмица, на 17 мај во Софија, ќе се сретнат македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас, како продолжение на обидите да се изнајде решение за спорот со името. Останува да се чекаат резултатите од нејзиното одржување за да се види дали двете земји постигнале компромис, со оглед на тоа што премиерот Заев во април рече дека кога јавноста ќе чуе најава за нивна нова средба, тоа би значело дека има шанси да се постигне достоинствено решение за државата.
Средбата на македонскиот и грчкиот премиер доаѓа по вчерашната средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас, под покровителство на медијаторот Метју Нимиц.
– Средбата можам да ја карактеризирам како многу сериозна, работевме напорно, на моменти интензивно. Направивме одредена позитивна работа. Двајцата министри ќе ги брифираат премиерите во подготовките за нивната средба во Софија следната седмица на 17 мај. Во основа ова е пораката што ја имам, рече Нимиц по средбата.
Тој не излезе со други детали, а изјави за медиумите не дадоа ниту министрите за надворешни работи Димитров и Коѕијас.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, разговорите и преговорите во хотелот во Сунио на министрите Димитров и Коѕијас со специјалниот претставник на ОН Нимиц, траеа речиси шест часа.
Во пресрет на вчерашната средба на шефовите на македонската и грчката дипломатија со медијаторот Метју Нимиц, грчките весници „Катимерини“ и „Та неа“, во нивните изданија објавувија слични анализи, околу можно сценарио за постигнување договор и одреден временски период за ратификација од македонска страна.
Да ѝ се даде доволно време на Македонија за да го одобри ерга омнес и да направи уставна ревизија предвидува сценариото што според „Катимерини“, во последните денови се разговара меѓу Атина и Скопје.
– Врз база на ова сценарио, кога ПЈРМ ќе ги одобри овие две предвидени точки, особено важни за Атина, тогаш автоматски соседната земја ќе се приклучи во НАТО и ќе ги започне пристапните разговори со ЕУ (секако, доколку Брисел упати соодветна покана), пишува „Катимерини“.
Според весникот за придвижување кон договор, за Грција е неопходно е да се исполни условот за името да биде ерга омнес.
– Според Атина, не треба да постои никаков прозорец, па дури и во внатрешноста на ПЈРМ, во кој земјата изолирано ќе го користи терминот „Македонија“. Сѐ ќе треба да упатува на новото име, без разлика дали тоа ќе биде „Горна Македонија“ или некое друго, пишува весникот и додава дека ерга омнес води до промена на Уставот.
Како што претходно објави МИА, со слично сценарио, но со додатна информација за временски рок од две години за имплементација, излезе и грчкиот весник „Та неа“.
Постигнување договор сега и постепено комплетирање за две години се двете карактеристики на сценариото што се наоѓа на маса кое го објавува саботното издание на грчкиот весник „Та неа“.
– При првото читање, најважниот елемент на оваа верзија на договорот е појавувањето на намерата на соседите да го прифатат за севкупна употреба (ерга омнес) името што ќе се договори (преовладуваат имињата Горна Македонија, Нова Македонија), пишува весникот и коментира дека македонската страна го менува ставот за употреба на уставното име во внатрешноста на земјата.
Според информациите на весникот, договорот не може да биде сега и веднаш туку се дава време, најверојатно две години за имплементација на ерга омнес. Македонската страна сметала, пишува „Та неа“, дека овој временски период од две години е задоволителен за да се направат потребните уставни промени, дали со или без распишување на избори.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.