Александар Вучиќ објави видео на Инстаграм од средбата со поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, кого го угости во куќата на неговиот татко во близина на Белград, една недела откако Српската напредна партија ги загуби предвремените парламентарни избори.
Тој го објави видеото со пораката „Виктор и јас. Приказна на еден пријател“.
„Многу сум среќен што можам да го угостам Виктор Орбан, мојот голем пријател, мојот брат, и што ќе поминеме убаво време тука, во куќата на мојот татко, во близина на Белград“, рече Вучиќ на почетокот на видеото.
Потоа се осврна на изборните порази што ги доживеаа двајцата.
„Да, двајцата неодамна ги загубивме изборите, но не го изгубивме нашето достоинство, нашата гордост и нашата вера“, рече Вучиќ.
Орбан му се заблагодари за поканата и рече дека е среќен што е во Србија.
„Пријателите секогаш остануваат пријатели. Вистинските пријатели стануваат уште подобри пријатели во тешки времиња“, рече Орбан, а потоа директно му се обрати на Вучиќ.
„И можеш да бидеш сигурен, Александар, дека јас лично секогаш сум на твоја страна“, рече тој.
Поранешниот унгарски премиер оцени дека нивната врска не е само лично пријателство.
„Знаете, тоа беше повеќе од пријателство меѓу нас двајцата. Беше големо достигнување да се подобрат односите, па дури и братството меѓу Србите и Унгарците“, рече Орбан, додавајќи дека сè уште е посветен на продолжување по тој пат.
На крајот од видеото, тој им посака успех на Србија и нејзините граѓани.
„Се надевам дека Србите и Србија ќе бидат успешни во иднина. Ви посакувам вам, на вашето семејство и на вашиот народ се најдобро. И нека Бог ве благослови“, рече Орбан.
На крајот од видеото, Вучиќ испрати порака „Ќе се вратиме“.
Орбан ја загуби власта во Унгарија на парламентарните избори во април, кога победи партијата Тиша на Петер Маѓар. Српската напредна партија ја загуби власта на предвремените избори на 25 октомври, по 14 години.
The post Средба на двајца поразени автократи: Вучиќ го пречека Орбан и рече дека ќе се вратат appeared first on Во Центар.



