Во рамки на работната посета на Државата Катар, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово оствари средба со заменик-претседателот на Владата и државен министер за одбрана, шеикот Сауд бин Абдулрахман бин Хасан бин Али Ал Тани.
На средбата се разговараше за натамошно унапредување на билатералната соработка во областа на безбедноста и одбраната. Соговорниците разменија мислења и за актуелните регионални и меѓународни безбедносни предизвици.
Министерот Муцунски ја истакна улогата на нашата земја како членка на НАТО и ја поздрави улогата на Катар како важен партнер на Алијансата.
На средбата беше потврдена заедничката заложба за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста, преку зајакнување на дијалогот и унапредување на билатералната и мултилатералната соработка.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски оствари и средба со министерот за трговија и индустрија на Државата Катар, шеикот Фејсал бин Тани бин Фејсал Ал Тани, на која во фокусот беше зајакнувањето на економската и трговската соработка помеѓу двете земји.
На средбата се разговараше за можностите за натамошно продлабочување на билатералната економска и трговска соработка, како и за создавање нови можности за поврзување на бизнис-заедниците на двете држави.
Соговорниците се согласија дека позитивната динамика во политичките односи треба да биде проследена со поинтензивна инвестициска и трговска соработка, преку конкретни иницијативи.
Воедно, беа разменети мислења за конкретни области со потенцијал за продлабочување на економските односи, зголемување на трговската размена и поттикнување поактивна соработка меѓу институциите и приватниот сектор.
The post Средби на Муцунски во Катар: Потврдена заложбата за унапредување на соработката appeared first on Во Центар.



