Во споредба со ланскиот раст, фармацевтската индустрија во Србија годинава заостанува, но подолгорочната статистика покажува дека големите амплитуди во годишното производство се карактеристични за овој сектор. И покрај тешкотиите во снабдувањето со суровини, кои најмногу доаѓаат од увоз, поскапувањето на основните лекови во последните неколку години е значително под нивото на инфлацијата во земјата.
Фармацевтите произведуваат многу повеќе суплементи отколку лекови, увозот многу го надминува извозот, а во синџирот од фабриката до купувачот, веледрогериите остваруваат најголем промет и профит, пишува магазинот Бизнис и финансии. Фармацевтската индустрија го зголеми производството за 13,3 отсто во 2023 година и е меѓу трите преработувачки сектори кои најмногу придонесоа за ланскиот раст на индустриското производство од 2,7 отсто, објави Републичкиот завод за статистика (РЗС). Сепак, оваа година фармацевтската индустрија тапка во место. Дури и со повремени флуктуации, фармацијата е силна економска гранка во Србија, иако производството и трговијата се регулирани со строги правила.
На овој пазар има строга административна контрола на цените, малопродажните маржи за лековите, како и процедурите со кои се пласира лек во промет. Дополнително, производството во Србија речиси целосно зависи од увозните суровини, чии цени ги одредува светскиот пазар. Фармацевтската индустрија тешко работи поради лошите геополитички услови, кои особено ја отежнуваат набавката на суровини од увоз, но лековите и препаратите поради тоа не поскапеа претерано, пренесува Н1. Податоците на ПКС покажуваат дека на крајот на петтиот месец, во однос на истиот месец лани, залихите се зголемени за 25,7 отсто, а ако се споредат со просекот за 2023 година, тие се зголемени за 28,5 отсто.