Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека неговата одлука да го отстрани портретот на Маргарет Тачер која беше премиерка на Велика Британија од 1979 до 1990 од работната соба во неговата резиденција на Даунинг стрит „воопшто не била поврзана со неа“.
Британските медиуми на 30 август јавија дека Стармер ќе ја отстрани сликата од неговата приватна работна соба на Даунинг стрит 10, по што имаше реакции од некои опозициски коментатори и политичари.
Но, британскиот премиер рече дека причината за овој потег е затоа што не му се допаѓа идејата „слики да зјапаат во него додека тој работи“.
Тој за програмата „Недела со Лора Куенсберг“ на Би-Би-Си изјави: „Тоа всушност воопшто не се однесува на Маргарет Тачер. Не ми се допаѓаат фотографии и слики од луѓе кои зјапаат во мене“
– Тоа е моја работна соба, тоа е мое приватно место каде што одам на работа. Не сакав слика од никого, додаде Стармер.
Портретот, нарачан од Гордон Браун во 2007 година, беше закачен во собата која Дејвид Камерон често ја нарекуваше работна соба на Тачер.
Биографот на Стармер, Том Болдвин, неодамна откри дека портретот бил отстранет од собата бидејќи сметал дека е „вознемирувачки“, пренесе ДПА.