Стејт департмент: Итно продолжување на разговорите за употребата на динарот во Косово

Американскиот Стејт департмент соопшти дека Белград и Приштина треба итно да ги продолжат разговорите со посредство на Европската унија за употребата на динарите во Косово, јави дописникот на МИА од Белград.

-Го поздравуваме фактот што на 27 февруари се одржаа разговори во рамките на дијалогот со поддршка на ЕУ за новата валутна регулатива на Централната банка на Косово (ЦБК), која го ограничува увозот и оптекот на српскиот динар во Косово, пренесе белградска Н1.

Вчерашните разговорите во Брисел со посредство на пратеникот на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак завршија вчера без конкретни резултати.

-Разговорите за регулативата на Централната банка на Косово, со кој се забранува употребата на динарот во Косово, се важен прв чекор, но многу политички прашања остануваат неодговорени, изјави Лајчак.

САД беа јасни во изразувањето на својата загриженост во врска со новата регулатива на Централната банка на Косово, рече портпаролот на Стејт департментот и додаде дека дијалогот со поддршка на ЕУ „е вистинскиот канал за решавање на прашањата поврзани со нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија“.

-Ги повторуваме нашите повици и до Косово и до Србија да ги деескалираат тензиите и сериозно и итно да се вклучат во напорите за постигнување мирни и продуктивни односи во рамките на дијалогот предводен од ЕУ, додаде портпаролот на американскиот Стејт департмент во писмената реакција до Радио Слободна Европа.


Пронајдете не на следниве мрежи: