Столтенберг: Русија не попушта. Мораме да ја принудиме да седне на преговарачка маса

Генералниот секретар на НАТО смета дека она што Украина може да го постигне на преговарачката маса зависи целосно од нејзината сила на бојното поле.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изјави дека западните земји мора да бидат подготвени да дадат долгорочна поддршка на Украина, бидејќи Русија не покажува знаци на попуштање.

Столтенберг за Би-Би-Си изјави дека воената поддршка ќе обезбеди опстанок на Украина како суверена земја и ќе ја принуди Русија да седне и да преговара за крај на војната.

Како што рече, делумната мобилизација на Русија, која започна во септември, покажа дека Москва во моментов нема желба да ја прекине војната.

„Украинските сили имаа импулс веќе неколку месеци, но знаеме дека Русија мобилизираше многу повеќе сили, многу од нив сега се на обука“, рече Столтенберг, додавајќи дека сето тоа укажува дека, како што рече, Русија е подготвена да продолжи со војна и се обидува потенцијално да започне нова офанзива, пренесува Танјуг.

„Сега мораме да обезбедиме поддршка за Украина, вклучително и воена поддршка, бидејќи ова е единствениот начин да се убеди Русија дека мора да седне и да преговара со добра волја и да ја почитува Украина како суверена независна нација во Европа“, рече тој.

Столтенберг заклучи дека она што Украина може да го постигне на преговарачката маса зависи целосно од нејзината сила на бојното поле.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.