Средбата на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова со нејзиниот колега Румен Радев помина во добар тон и таа била исклучително конструктивна, вели Димитар Стојанов, актуелен советник на бугарскиот претседател Радев во денешното утринско гостување на Бугарската национална телевизија (БНТ).
„Тоа е чекор напред во дијалогот меѓу двете држави“, рече тој.
Прашан зошто на средбата не било истакнато македонското знаме, Стојанов рече дека средбата на македонската претседателка била од неформален карактер.
Според Стојанов, посетата која беше во Бугарија на претседателката на Република Северна Македонија била културна посета.
„Тоа не беше ниту официјална, ниту државна, ниту работна посета. Таквите посети не бараат сите елементи на државниот протокол да бидат применети“, додаде тој.
За тоа дали посетата била провокација или, пак, се барало такво нешто, Стојанов вели дека непотребно е заострен впечатокот по еден убав разговор меѓу двајцата претседатели.
„Јас не би сакал да зборувам за провокација во тој случај. Пак ќе кажам дека разговорот поминал многу конструктивно, во потрага по чекор напред во развојот на нашите односи. Но, да се бараат знамиња во таа ситуација мислам дека не е коректно, затоа што тоа не е, пак ќе кажам, ниту официјална, ниту државна, ниту работна посета. Дали треба ако некој државник од соседна држава дојде да пие кафе во Бугарија ние треба да ставиме знамиња на кафулето? Се разбира дека не. Непотребно е заострен впечатокот по еден убав разговор меѓу двајцата претседатели“, рече Стојанов.
Меѓу другото, Стојанов вели меѓу македонската претседателка и нејзиниот бугарски колега поминала во добар тон и била исклучително конструктивна, а според неговата изјава, договорени се и идните државни посети меѓу двете земји.
Отсуството на државното знаме на земјава на петочната средба во Софија на претседателката Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев предизвика реакции во јавноста.
Од кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова изјавија дека ќе побараат објаснување од бугарската страна оти, како што велат, иако не било предвидено да има фотографии во затворениот простор, претседателот Радев ја поканил претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија рекоа дека ќе го повикаат бугарскиот амбасадор во земјава, Желјаско Радуков, на разговор во просториите на Министерството каде што од него ќе биде побарано објаснување зошто бугарскиот претседател Румен Радев ја повикал претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да се фотографираат пред бугарски знамиња, а притоа не биле поставено македонското.
Опозицискиот СДСМ неколкупати жестоко реагираше за, како што оценуваат, дипломатскиот дебакл кој македонската држава го доживеала во соседна Бугарија со што се понижува македонскиот народ. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека СДСМ треба да престане да манипулира со јавноста „и да се погледне во огледало за сите предавства што ги направи на македонскиот народ“.