Струмица добива нов мега-парк на речиси 40.000 метри квадратни, објави на Фејсбук градоначалникот Костадин Костадинов.

– Со среќа нека ни е новиот мега парк на површина од близу 40.000 метри квадратни!
Наместо бетонизација на Струмица, раззеленување на Струмица!
Зборот е збор и отстапки нема!
Денеска започна изградбата на нов парк во населбата Карпош и тоа на место каде што првично беше планирано за трговски центар.
Доста и се на Струмица и згради и трговски центри, има други локации за инвеститорите, а жителите од Карпош, а и цела Струмица заслужуваат уште еден парк каде што ќе поминуваат убаво време исполнето со здравје, среќа и мир. Посебно се радувам за децата од градинката „Виножито“ што ќе имаат свое катче каде што ќе можат да си реализираат нивни едукативни програми, да се социјализираат преку игра и забава, објасни Костадинов.

Како што вели Костадинов, Струмица не зема кредити за се и сешто.
– И најважното, ние кредити не зимаме, овој проект се реализира со грант во износ од 350.000 евра од Европската унија преку Интеррег програмата којшто идните генерации немаат обврска да го враќаат благодарение на стручниот тим од Одделението за меѓународна соработка и европски фондови и од мое лично име, од името на општина Струмица и нејзините граѓанки и граѓани им се заблагодарувам на ЕУ и европските даночни обврзници што веруваат во мојата и визијата на мојот тим и што инвестираат сериозни средства со кои ова ругло го претвораме во нова зелена оаза.

Во првата фаза предвидени се пешачките патеки, мал амфитеатар со мултифункционална намена за децата од градинката, но и за сите млади и повозрасни кои своето секојдневие сакаат да го поминуваат токму тука, за после да поминеме на втората фаза од големиот градски парк со добиени средства и копартнерски проект со УНДП во износ од околу 15 милиони денари со кој ќе одиме не само на раззеленување, туку и кон дигитализација на самите паркови.
Моите сограѓани го заслужуваат најдоброто и од срце продолжувам да работам за нив! – напиша Костадинов.