На денешната 22-ра работна конференција на Локалниот совет за превенција во Струмица, главниот фокус беше насочен кон иднината – и тоа кон паметно, дигитално и ефикасно управување со отпад. Централна точка на состанокот беше презентацијата на иновативното израелско решение на компанијата „Гениум“, за првпат претставено пред македонска општина, објави ТВ каналот ВИС Струмица.
– Според Владимир Костадинов, претставник на „Гениум“, ова е технологија која не само што го дигитализира целиот процес на управување со отпад, туку обезбедува вистински податоци во реално време – од моментот на фрлање, преку селекција, до финално транспортирање.
“Во секое време ќе знаеме што, каде и колку отпад има. Конечно, отпадот добива дигитална трага и ние добиваме контрола, ефикасност и чистота,” – изјави Костадинов.
Станува збор за платформа која преку сензори и камери поставени во контејнери и возила, генерира податоци што се собираат, обработуваат и визуелизираат. На овој начин, општината може прецизно да ја менаџира логистиката, да го оптимизира бројот на возила, да ги намали трошоците, и пред сè – да ги подигне еколошките стандарди на ниво на европски градови.
Моментално, Македонија не располага со ваков тип на технологија. Струмица може да биде пионер во примената на едно вакво решение, кое се базира на долгогодишно искуство и докажана ефикасност во Израел – земја лидер во паметни еко-технологии.
Придобивките се бројни:
• Прецизно мерење на количина и тип на отпад
• Автоматизирана селекција
• Намалување на фреквенцијата на собирање со подобро планирање
• Брза реакција при преполнување или злоупотреба
• Подигнување на свеста кај граѓаните преку визуелна и транспарентна анализа
Општината Струмица покажува јасна подготвеност да влезе во нова еколошка ера, а поддршката за имплементација на вакво решение е логичен следен чекор во насока на паметна, чиста и ефикасна урбана средина.
Ако Струмица стане првиот град во Македонија што ќе го имплементира ова решение – тогаш ќе стане и модел за сите останати.
Јавноста, институциите и граѓанскиот сектор се повикуваат да дадат поддршка за една вистинска трансформација: од хаотично собирање кон дигитален систем со логика, ред и почит кон животната средина.
Објавата на Фејсбук ја сподели градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов и напиша „Струмица град лидер!“.
