Струмичка кланица испуштала крв директно во река, АХВ ја казни со 2.400 евра

Инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), утрово спровеле вонреден надзор во кланица во Струмица, откако вчеравечер на „Фејсбук“ се појавила информација дека кланицата испушта крв од закланите животни директно во река.

„Со надзорот е утврдено дека операторот постапува спротивно на законските одредби за нештетно отстранување на нуспроизводи (член 18 од Законот за нуспроизводи од животинско потекло – Сл. весник на РСМ бр. 08-3248/1 од 14 јуни 2023 година). За сторен прекршок – нештетно отстранување и употреба на Категорија 3 материјал – нуспроизводи од животинско потекло и производи добиени од нив, согласно категоризацијата на нуспроизводите од животинско потекло (член 11 и 14 од Законот), операторот е казнет со парична казна од 2 илјади евра во денарска противвредност, а одговорното лице во правното лице со 400 евра во денарска противвредност“, велат од АХВ.

„Наредено е доследно спроведување на законските процедури за отстранување на нуспроизводи од животинско потекло од категорија 3 (крв од животни заклани во кланица кои не покажуваат знаци на болест). Крвта како нуспроизвод од колењето животни (нус производ од категорија 3), согласно законските и подзаконските акти кои ја уредуваат оваа материја, треба да се отстранува со претходно одвојување и собирање во посебно место“, додаваат од државната агенција.

Пронајдете не на следниве мрежи: