Студентите од Факултетот за технички науки во Белград, вечерва соопштија дека на социјалните мрежи се појавила нова „потерница“ односно листа со 12 имиња и презимиња на нивни колеги, заедно со фотографии и лични податоци, но порачаа дека тоа нема да ги заплаши. Со паролата „Инженерите нема да молчат“ вчера беше објавена слична таква „потерница“ со 11 студентски имиња.
Овие листи кои потсетуваат на потерници содржат наши приватни податоци и фотографии, што претставува грубо загрозување на безбедноста и кршење низа закони. Освен што се кршат уставните права, насилството и застрашувањето на студентите претставува кривично дело според Кривичниот законик на Србија, велат студентите додавајќи дека новиот чин на нивно таргетирање покажува дека кампањата против студентите е организирана во континуитет.
Тие велат дека ќе продолжат да се борат против неправдата.
Студентите гледаат од каде се спорните фотографии и кој ги фотографирал. Од наши внатрешни извори имаме сознанија кој би можел да стои зад креирањето на овие листи и знаеме како тие личности се поврзани со Факултетот за технички науки. За да не дојдеме во ситуација ваквите податоци да ги изнесуваме јавно, апелираме до деканот на факултетот Борис Думниќ да реагира на ваквите напади, порачаа студентите.
Тие велат дека не постојат организатори на блокадите туку дека блокадите се резултат на заедничка одлука на сите студенти, додека издвојувањето на поединци како организатори, претставува злонамерна манипулација со цел неосновано таргетирање и загрозување на безбедноста на студентите.
Извор – Данас.рс