Во рамки на вториот дел од 12 седница и дел од 14 седница на Советот на Општина Карпош која се одржа вчера во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент- Скопје, советниците расправаа по 42 точки кои се најдоа на дневниот ред. Притоа, советниците ја поддржаа одлуката според која Општина Карпош со 2.500.000 денари од својот Буџет ќе субвенционира ужинки за сите ученици од основните училишта на своја територија. Финансиската поддршка е во висина од 50% од износот на месечниот надоместок за оваа намена, за месеците октомври, ноември и декември за учебната 2022/2023 година.
Со истата динамика, советниците го поддржаа и предлогот за одобрување на финансиски средства за награди за полуматурантите – првенци на генерација од основните училишта од Карпош. Имено, локалната самоуправа ќе обезбеди финансиски средства во износ од 10.000 денари, поединечно за 10 основци кои се прогласени за првенци на генерација во своите училишта во учебната 2021/2022 година. Општината традиционално ја практикува оваа финансиска поддршка, а целта е учениците да бидат наградени за својот успех и да се мотивираат за напредокот во својот понатамошен образовен процес. На овој начин тие треба да се поттикнат за учество на разни меѓународни, државни, градски и општински натпревари, како и на конкурси и изложби, создавајќи вистински вредности и навики.
Советниците дадоа „зелено светло“ и за утврдување на Нацрт ДУП-овите за Градска четврт ССЗ 01, блок 6 и Ј 03, блок Ј 03.11. Во следната фаза на постапката, Општина Карпош јавно и транспарентно ќе организира јавна анкета и презентација во чии рамки, карпошани можат да учествуваат и да ги приложат своите предлози и сугестии, пред конечно усвојување на ДУП-овите.
Со мнозинство гласови во Советот беше усвоен и Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Карпош (кумулативно) за квартал од 01.01.2022 до 30.06.2022 година, како и кварталниот извештај за период од 01.01.2022 до 30.09.2022 година. Советот даде согласност според која локалната самоуправа ќе распише Јавен повик за свикување на Иницијативен одбор, кој подоцна треба да го конституира Локалното собрание на млади на Општина Карпош.
Со широка поддршка помина и предлог – одлуката со која Општината во период од една година и дава на користење без надомест една деловна просторија (кај надземниот премин „Влајко“), на Здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството – „Крводарител“ – Скопје.
Едногласно беа поддржани одлуките со кои Општина Карпош обезбеди финансиски средства за субвенционирање на поправка и санација на кровен покривач на станбената зграда за колективно домување на бул. „Партизански одреди“ бр. 149/1, како и за замена на азбестни покриви на индивидуалните станбени објекти (куќи), на улиците „Козле“ бр. 130а, „Милан Марковиќ“ бр. 14а, на ул. „Поп Богомил“ бр. 12, како и на ул.„Јуриј Гагарин“ бр. 71а.
Инаку, локалната самоуправа од својот буџет обезбеди 3.000.000 денари за субвенционирање на поправка и санација на кровни покривачи на станбени згради за колективно домување и за замена на азбестни покриви на куќите. Притоа, локалната самоуправа за колективните станбени објекти обезбедува финансиска поддршка во висина до 30%, но не повеќе од 200.000 денари од вкупниот износ на вредноста за поправка и/или санација на кровниот покривач. За индивидуалните станбени објекти (куќите), Општината субвенционира до 30%, но не повеќе од 75.000 денари, од вкупниот износ на вредноста за замена на азбестно – кровниот покривач.
Во рамки на вчерашната седница, советниците се изјаснија позитивно и за предлогот со кој Општина Карпош обезбеди финансиски средства во висина од 40.000 денари, за поддршка на Здружението за спорт и рекреација на граѓани и млади лица со посебни потреби „Денсерс Јунајтед“ – Скопје, за учество на Европско првенство во танци, кое се одржа во Грција.
По куса дебата, советниците го усвоија Локалниот акциски план за вработување на Ромки за 2022 година. Предлогот на советничката Невена Георгиевска исто така наиде на поддршка од своите колеги, според која ќе биде поднесена иницијатива до подрачната единица на Министерството за внатрешни работи на РСМ во општина Карпош, за интензивирање на сообраќајните патроли. Поточно, со цел поголема безбедност во сообраќајот и намалување на бучавата во урбаните делови на Карпош, според иницијативата на советничката Георгиевска, припадниците на сообраќајната полиција би требало да го зголемат своето присуство на теренот кај пофреквентните локации на булеварите Партизански одреди, Илинден, Метрополит Теодосије Гологанов и 8 Септември, во периодот од 22 до 2 часот по полноќ.
Предлогот за воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу Општина Карпош и Град Скопје наиде на широка поддршка кај советниците. Според оваа одлука, градските власти ќе инвестираат околу 2.000.000 денари за реконструкција на спортското игралиште во средното училиште „Лазар Танев“ кое се наоѓа во населбата Козле, во чии рамки ќе биде инсталирана нова тартан подлога.
Советот расправаше а подоцна ја усвои одлуката според која Општина Карпош ќе обезбеди финансиски средства со утврден лимит до 180.000 денари, кои ќе бидат насочени за покривање на трошоците за монтирање на кровен покривач (кровна конструкција), на објектот на Драмскиот театар во населбата Карпош 2. Во овој случај, Националната установа треба самостојно да избере изведувач на работите и подоцна да поднесе документи за тековните трошоци до Општина Карпош, која ќе ги исплати паричните средства.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.