КОВАЧЕВСКИ: Судот да ги објасни одлуките за „Таргет-Тврдина“


Правосудниот систем треба да биде транспарентен и на граѓаните да им ги објасни одлуките што ги носи, но и  дополнително да работи на зголемување на довербата, изјави премиерот Димитар Ковачевски прашан за одлуките на Апелацискиот суд за случајот „Таргет-Тврдина“ и реакцииите во јавноста.

„На правосудниот систем е, кој е независна власт од Владата, низ една транспаретна постапка да ги објасни на граѓаните одлуките кои ги носат и дополнително да работи на унапредување на своето работење, а со цел да ја зголеми довербата кај граѓаните и да обезбеди фер услови за сите граѓани да бидат во државата еднакви пред Уставот“, рече Ковачевски.

Тој истакна дека, како и многумина други, изразил разочарување во однос на овој судски случај кој, како што рече, само ја потврдува ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем што ја покажуваат истражувањата на јавните мислења.

„Исто така, сакам да истакнам дека јас како премиер и Владата ниту сме се мешале, ниту ќе се мешаме во судската власт, односно во судството, со оглед на тоа дека судството и правосудството не се место за политичка борба и политички натпревар“, додаде премиерот.

Во постојана комуникација се, рече тој, со партнерите во ЕУ и САД.

„Поглавјето 23, владеење на правото, беше дел од билатералниот скрининг којшто се води во Брисел и секако дека тој билатерален скрининг, во којшто ќе бидат вклучени и правосудните органи, ќе постави многу прашања за којшто ќе се бараат одговори и секако дека одговори ќе треба да дадат и правосудните органи како независна власт во државата во што државата не треба да се меша“, порача Ковачевски.

Тој посочи и дека извршната власт подготвува законски решенија за унапредување на правосудната власт во сите нејзини свери, како и дека обезбедува финансиски средства за непречено функционирање на независниот правосуден систем во државата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.