Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии во отворено писмо до премиерот Христијан Мицкоски ги отфрлаат како неаргументирани и паушални неговите последни изјави за судиите и судството.
– Веќе подолго време Вашите коментари кои ги давате за судиите и судството ја преминаа границата на доброто однесување и преминаа во неаргументирани и паушални напади. Критиката е добронамерна само кога се даваат конкретни забелешки и конкретни предлози за решавање на проблемите. Неаргументирана критика е покажување на намера ништо да не се преземе за подобрување на состојбите, туку севкупната општествена апатија да се префрли како вина на судиите, наведуваат во писмото.
Посочуваат дека судскиот систем никогаш не генерирал долгови и дека е нејасно каква е поврзаноста на судството со државниот долг од две милијарди евра.
– Последниот извештај на ЕК, јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт. Како круцијален проблем е истакната и финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност. Ова се проблеми кои државата мора да ги поправи, бидејќи истите се суштински за Европската перспектива на земјата. Со Вашите досегашни коментари го нарушувате демократскиот принцип конципиран на рамноправност на трите власти, судската, законодавната и извршна. Судската власт е уставна категорија, а Уставот и независноста на судската власт треба да се почитуваат, му порачуваат судиите на премиерот Мицкоски.



