Судскиот совет утре бира претседател

Судскиот совет помина низ турбулентна година, а сето она што се случуваше изминатите 365 дена би можело да биде само увертира за нови возбудливи денови. 2024 година советот ја започна со старо-новата претседателка Весна Дамева, која на 3 јануари повторно седна на чело на советот. Од Дамева се очекуваше да ги спроведе на дело препораките од Оценската мисија за подобрување на работата на Советот, а пред се, да ја гарантира неговата независност.

Advertisements

Првата голема одлука под нејзино повторно водство беше иницијативата за разрешување на претседателката на Врховен, Беса Адеми. За Адеми имаше обвинувања дека не доаѓала на седниците на советот, се жалела од притисоци врз врховни судии, но сето тоа падна во вода по една тензична и долгочасовна расправа на советот. Во таа прилика, со седум гласа за, советот гласаше постапката да се запре и Беса да остане на чело на Врховен.

„Се надевам дека емоциите од денес натаму по однос на емоциите на соработката судскиот совет со врховниот суд, на претседателката на судскиот совет со претседателката на врховниот суд, и без оглед кој е претседател, интензивно ќе продолжи, емоциите настрана, и јас еве ви соопштувам дека ќе го преземам првиот чекор за продолжување на таа соработка“, изјави Весна Дамева поранешна претседателка на судски совет/
Следуваа низа тензични седници бидејќи советот постојано се соочуваше со критики за партизираност, неутврдување одговорност, а најадекватен пример за тоа беше оној со судијата Пајазат Пајазити. Судски до денеска не го казни судијата за кој и самите членови утврдија дека направил прекршок што го пуштил во домашен притвор поранешниот војник на ОВК Блерим Рамадани, кој потоа побегна во Косово. Ова беше уште една прилика за тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ да побара целосно распуштање на судскиот совет – барање кое продолжи и кога подоцна ја преземаа власта. Со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт сепак распуштање на советот не се случи, но веќе се подготвува нов закон кој ќе ги зголеми критериумите за избор на член на советот. Во меѓувреме, пред пратениците се најде извештајот за работата на судски за 2023 година, но истиот не помина во Собранието. По ова и по се посилната реторика на власта за неажурноста на Советот, претседателката Весна Дамева одлучи да се повлече од функцијата.

„И кога нема слух за подобрување на состојбата во судството и истото е опструирано од власта и на разно разни начини и претседателот на Владата и политичарите од владејачката гарнитура од собраниска говорница или преку прес службата изразуваат негативен став спрема судскиот совет, спрема членови на судскиот совет, но најпоразително од се е што изразуваат негативен став кон судиите од кои најголемиот број навистина не го заслужуваат тоа, сметам дека единствено нешто што ми останува е да го зачувам мирот и спокојството и мое и на моето семејство поради што поднесувам неотповиклива оставка“, нагласи Весна Дамева, поранешна претседателка на судски совет.

По повлекувањето на Дамева, советот замени двајца членови на кои им истече мандатот со нови, но не доби претседател. Тој предизвик ќе остане за новата 2025-та година. А во новата година ќе се види и дали и што ќе се случи со судијата Енвер Беџети, кој судски совет во минатото одлучи да не го разреши откако констатираше дека предолго во фиока го чувал предметот Таргет Тврдина против поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков туку само го казни парично. Во меѓувреме, кон крајот на 2024-тата Беџети заврши на црната листа, а судски иницираше повторно да се води расправа дали тој треба да биде разрешен од судиската функција во апелација. Новата година ќе даде одговори и дали ќе бидат отповикани членовите на Советот избрани од Собранието, што е законска можност која се отвора откако извештајот за работата на советот до крај остана блокиран во законодавниот дом. Допрва ќе не очекуваат нови разврски околу советот и неговото работење, а можеби најинтересно ќе биде да се види како советот ќе функционира со новите законски измени, за кои власта тврди дека ќе бидат гарант за негова независност.

Пронајдете не на следниве мрежи: