Обвинителите Вилма Русковска и Љубомир Јовески се уште молчат дали се преземаат мерки по допрен глас, по информациите за “форензичко бришење“ на компјутерите во СЈО. Додека обвинителите молчат, порталот на емисијата “360 Степени“ која се емитува на “Алсат“ со нови детали од усната наредба на Катица Јанева. СЈО за порталот тврди дека е направено форматирање на компјутерите, но и дека постапката е запрена за да се отргнат сомнежи за било какви други мотиви за делување.
Според сознанијата на “360 Степени“ пак, со форматирањето во првиот бран биле опфатени повеќе компјутери, а следни на ред биле машини на кои работеле истражителите и обвинителите. Бришењето се случило минатата недела, најверојатно во петокот, а по алармот од загрижени вработени, операцијата од вчера е стопирана. Отпочнувањето и запирањето на “чистењето“ не можело да биде без знаење на Катица Јанева.
Со бришењето не биле зафатени документите сместени во тие компјутери, на што се однесуваше демантот на СЈО, но, неповратно се избришани информациите за “сообраќајот“ – кој, кога и што работел на тие машини. Истото ќе се случеше и со другите компјутери, ако операцијата продолжеше. “360 Степени“ дојде и до порака од ИТ – одделот во СЈО, испратена до вработените на 8 јули 2019 година, во која пишува:
Порака до вработените во СЈО:
“Колеги ПОЧНЕТЕ со средување на податоците кои ги поседувате на вашите компјутери и усб – а. Организирајте ги податоците по предметно работење. Комплетно избришете се што НЕ е поврзано со работењето во СЈО. Доколку имате приватни податоци, зачувајте ги на приватни усб – а. Кога ќе заврши процесот ќе бидете повикани да се изврши форматирање на секој компјутер и усб. Процесот ќе се одвива етапно.“
Информатички експерти, за порталот велат дека “вордингот“ кој СЈО го користи, односно “извршено форматирање на неколку компјутери“, најверојатно треба да се подразбере дека “чистењето“ е направено со т.н. “вајпинг“ (wiping). Тоа е техника што оневозможува враќање на податоците за претходното работење на конкретна машина, за разлика од обичното “форматирање“, кое овозможува тие информации да се возобноват дури и по бришењето.
Пораката до вработените е пратена една недела пред ОЈО за гонење организиран криминал и корупција да отвори истрага за случајот “Рекет“, во кој е вмешана и шефицата на СЈО, Катица Јанева. Сепак, иако формално нема истрага, тоа е период во кој за случајот на големо се пишува во медиумите, а Јанева најверојатно знае и дека Вилма Русковска води предистрага.
Според изворите на “360 Степени“, речиси ништо не се случува на овој план додека Јанева е отсутна поради боледување, а работите повторно се раздвижуваат по нејзиното враќање во СЈО минатиот вторник. Кој, кога, чии разговори слушал, или кој, кога, какви материјали прегледувал или изнесувал од одреден компјутер, може да биде директен или индиректен доказ во “Рекет“ или друг сличен случај.